• понеделник, 23 декември 2024

Македонските фудбалери со убедлив триумф се враќаат од Лихтенштајн

Македонските фудбалери со убедлив триумф се враќаат од Лихтенштајн

Вадуц, 8 октомври 2021 (МИА) – Македонската фудбалска репрезентација ја прекина серијата од три последователни нерешени натпревари во квалификациите за пласман на Светското првенство идната година во Катар и со победа од 4:0 (1:0) вечерва над Лихтенштајн во Вадуц изби на второто место во групата Ј.

Првото полувреме мина во целосна доминација на македонскиот состав и откако Милан Ристевски и Елиф Елмас за малку биеја непрецизно, Дарко Чурлинов ја погоди пречката, а голот на Александар Трајковски беше поништен поради офсајд, водството дојде во 39 минута преку Дарко Велкоски.

Теренската иницијатива на Македонците продолжи во вториот дел и донесе на крајот убедлив триумф со головите на Езѓан Алиоски од пенал (66 мин), Бобан Николов (74) и Чурлинов (83) за прва победа под водство на новиот селектор Благоја Милевски.

Во преостанатите два натпревари вечерва во групата Ј, Германија со пресврт ја совлада Романија на домашен терен со 2:1, додека Исланд и Ерменија одиграа нерешено 1:1.

По седум одиграни натпревари, македонската репрезентација е второпласирана со 12 бодови, идентично колку и третопласираната Ерменија, а шест помалку од лидерот Германија, која гостува понеделник во Скопје. ег/зс/

Остани поврзан