• петок, 22 ноември 2024

Македонските одбојкари победнички го отворија Европското првенство во Скопје

Македонските одбојкари победнички го отворија Европското првенство во Скопје

Скопје, 30 август 2023 (МИА) – Македонската одбојкарска репрезентација со победа стартуваше на Европското првенство, откако вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ ја совлада Данска со 3-1 (22-25, 25-22, 25-19, 25-22) во рамки на 1. коло од групата Ц која се игра во Скопје.

До својата стартна победа на третиот настап на европските првенства македонските одбојкари дојдоа со пресврт во исцрпувачки и неизвесен натпревар кој траеше два и пол часа.

Првиот сет беше резултатски израмнет до 13-13, кога Данците направија серија од 4-0, задржувајќи ја предноста за водство од 1-0 во сетови.

Вториот сет влезе во неизвесна завршница (17-17), по што уследија два врзани поени на македонските одбојкари, кои ја искористија втората сет-топка и со идентични 25-22 го израмнија резултатот во сетови на 1-1.

Израмнувањето ја врати самодовербата во редовите на „црвено – жолтите“, кои фуриозно го отворија третиот сет во кој поведоа со 10-6. Иако Данците намалија на 10-9, играта на македонските одбојкари остана на високо ниво и по водството од 17-12 рутински го решија сетот во своја корист за предност во сетови од 2-1, а победата ја заверија во четвртиот сет кој, како и вториот, го решија во своја корист со 25-22.

Следен предизвик за избраниците на селекторот Јошко Миленкоски ќе биде репрезентацијата на Црна Гора, в сабота, а ден подоцна е дуелот против Полска. Во завршните два дуели од групата Ц македонските одбојкари на 5 септември за противник ќе ја имаат Холандија, а ден подоцна против Чешка ќе ја заокружат групната фаза. ег/ев/

ФОТО: МИА

Остани поврзан