Македонските кошаркари домаќини на Норвешка
- Македонската кошаркарска репрезентација вечер ја пречекува Норвешка во 3. коло од претквалификациите за Евробаскет 2025.

Гевгелија, 10 ноември 2022 (МИА) – Македонската кошаркарска репрезентација вечер ја пречекува Норвешка во 3. коло од претквалификациите за Евробаскет 2025.
Адем Мекиќ кој поради повреда не ги одигра првите два натпревари против Данска, и потоа со Словачка, одново е дел од националниот тим.
- Пред сè, сакам да потенцирам дека по подолга пауза многу ми е мило што сум назад во тимот и во репрезентацијата. Пред нас е очигледно тежок натпревар со делителот на првото место во групата заедно со нас, тимот на Норвешка. Се работи за сериозен тим со брза и сериозна кошарка, со самодоверба и слобода во нападот, предобро воиграна транзиција, но на нас е да ги оправдаме очекувањата и да го одбраниме домашниот терен. За нас е многу важен дуел овој со Норвешка. Подготвени сме да го оправдаме, да кажам, донекаде, епитетот на фаворит и на домашен терен. Атмосферата во екипата е одлична и се надевам на победа. Мора да дадеме 100% и да сме чисти пред себе, изјави Мекиќ за сајтот на Кошаркарската федерација на Северна Македонија.
Натпреварот ќе се игра во салата „26 Април“ во Гевгелија. зс/