• петок, 22 ноември 2024

Македонските кошаркари бараат да почне првенството

Македонските кошаркари бараат да почне првенството
Скопје, 13 октомври 2020 (МИА) - Асоцијација на Кошаркарски Играчи денес преку соопштение побара од надлежните да донесат одлука за почеток на првенството со запазување на здравствени протоколи. Во продолжение во целост го пренесуваме соопштението: Асоцијацијата на Кошаркарските Играчи бара да се дефинираат здравствените протоколи поврзани со КОВИД-19 пандемијата, а се однесуваат на одржување на спортски натпревари. Сведоци сме на различно толкување на протоколите од страна на различни екипни спортови, а најголеми губитници сме ние Кошаркарските играчи и оние кои го следат и сакаат овој спорт, бидејќи единствено кошаркарското првенство не е започнато. Првенствата за сите други екипни спортови се започнати, а истовремено и заболените со КОВИД-19 се третираат на различен начин отколку што се постапува со нас кошаркарите. Нашето првенство неколкупати се одлага поради позитивни случаи со КОВИД-19, целите тимови (дури и оние кои се негативни и без никакви симптоми) се ставаат во изолација поради еден позитивен случај и поради тоа нема услови за започнување со натпреварување. Додека во другите спортови само позитивните случаи се изолираат и натпреварувањата и тренинзите продолжуваат. Ние како спортисти се залагаме за здрав живот и безбедност за сите и апсолутно ќе го почитуваме сите мерки кои ќе бидат наложени, но истовремено во духот на спортот е да има правичност, неселективност и еднаков пристап кон сите, така што бараме протоколите да бидат исти за нас како и за сите. Сите се обидуваме да се навикнеме на „новата реалност“ и важно е да не дозволиме и оваа сезона да пропадне. За нас спортистите да не тренираме и да не се натпреваруваме има големи последици по нашата физичка подготвеност, врз нашата работа и егзистенција, а може да ни се случи и одлив на младите сили и кадри. Да бидеме безбедни и разумни истовремено и да оствариме и спортски живот со највисоко ниво на безбедност на нашите спортисти! Внимавајте на себе, држете дистанца, спортувајте! Сезоната 2020/21 во Македонската кошаркарска Прва лига требаше да почне на 3 октомври, потоа беше одложена за една недела, но одново поради коронавирус почетокот беше одложен. зс/

Остани поврзан