• понеделник, 23 декември 2024

Македонските вина промовирани пред светската јавност на „ProWein 2024“

Македонските вина промовирани пред светската јавност на „ProWein 2024“

11 март 2024

Македонските вина се претставуваат на најпознатиот меѓународен саем за вино и жестоки пијалаци „ProWein 2024“, кој од 10 до 12 март, се одржува во Дизелдорф, Германија. На триесеттото издание на „ProWein2024“ учествуваат македонските винарници: „Тиквеш“, „Камник“, „Венец“, „Мовино“, „Имако“, „Попов“, „Милев“, „Стоби“, „Парагон“, „Сопот“ и „Лазар“.

Учеството на овој саем е од исклучително значење за македонските винарници бидејќи посетителите на саемот се вински експерти, сомелиери, вински ентузијасти и лица со одлучувачка моќ во компаниите од кои доаѓаат. Тоа овозможува директен контакт на учесниците со релевантни купувачи од целиот свет. 

„Овој настан е важен за сите винарници кои се стремат кон глобално присуство на своите производи, но и место каде што се претставуваат новитетите и последните трендови во индустријата. Присуството на македонските винарници е значајно за позиционирањето на земјата и на поединечните брендови на меѓународно ниво“,  истакна Елена Младеновска Јеленковиќ, извршен директор на Здружението „Вина на Македонија“, која ја претстави македонската винска индустрија и на настан во организација на најзначајната асоцијација за одржливо производство во светот - „Sustainable Wine Roundtable“.

Посетителите на „ProWein 2024“ имаат одлична можност да се запознаат со автентичните вкусови и ароми на македонските вина и да уживаат во нивниот квалитет кој го освојува интернационалниот пазар. За време на саемот се организираат ексклузивни дегустации од страна на професионалци кои креираат неповторливи искуства за присутните. 

На овој саем, македонските винарници имаат единствена можност пред светот да го покажат своето врвно вино кое е плод на вековната традиција и современите технологии за производство на вина со неспоредлив квалитет и карактер. 

Оваа година учеството на саемот се реализира со поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кое во целост го покрива заедничкиот штанд на македонските винарници. Дополнително, Винарската визба „Тиквеш“, како најголема винарница од нашата земја, е претставена на посебен штанд, претставувајќи ги своите производи со традиција и докажан квалитет.

Здружение „Вина на Македонија“

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан