• вторник, 05 ноември 2024

Македонскиот народен театар одбележува 79 години постоење

Македонскиот народен театар одбележува 79 години постоење

Скопје, 31 јануари 2024 (МИА) - Македонскиот народен театар денеска, на 31 јануари, одбележува 79 години од своето постоење.  На 31 јануари 1945 година, Президиумот на АСНОМ одлучува да биде создаден МНТ.

- Во историјата на Македонскиот народен театар, денешниот датум – 31 јануари е мошне значаен ден. Во тогашната 1945 година, со Решението на Президиумот на АСНОМ (бр. 581/45), се заокружи правниот карактер на постоењето на театарот, создаден во текот на војната и револуцијата. Се заокружи она што го започнаа првите драматурзи и учители, патувачките театри и театрите на другите јазици. Потоа продолжи со желбата и силните напори на веќе афирмираните македонски театарски дејци кои активно се занимаваа со театар и во текот на Втората светска војна и веднаш по ослободувањето на Скопје, велат од МНТ.

Со ова, како што посочуваат, се заокружува остварувањето на сонот на сите групи актери и уметници во тоа време, како и на културно-уметничката група „Кочо Рацин“ (составена од идните актери, режисери и сценографи на МНТ).

- Се оствари сонот за национален македонски професионален театар предводен од тогаш поставениот директор – режисерот Димитар Ќостаров и секретарот -драматург Илија Милчин (набрзо примен и како актер), сонот на десетина веднаш примени актери, двајца сценографи и дваесетина сценски и административни работници. Тоа е и сонот на 80 000 жители на град Скопје кои со среќа ја примија оваа вест преку весниците и со озарени лица ја чекаа првата премиера на нивниот/нашиот театар, истакнуваат од МНТ. ир/са/

 

Фото: МНТ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан