• понеделник, 23 декември 2024

Македонскиот дипломатски синдикат со отворено писмо до министерот Бујар Османи

Македонскиот дипломатски синдикат со отворено писмо до министерот Бујар Османи

Скопје, 13 февруари 2023

Кога самата Влада ќе се согласи со заклучоците на Антикорупциската комисија дека сте ги злоупотребувале нашите службени возила за изборни и партиски активности на вашата партија ДУИ и со тоа сте сториле повреда на Етичкиот кодекс на Владата, тогаш навистина не знам што повеќе можам да ви кажам од, срамно е министре!

Но, тоа е само врвот на брегот од мраз. Неколку години наназад, како претседател на дипломатската синдикална организација укажувам дека со своето водење и постапки долгорочно ги разнебитувате министерството и дипломатската служба преку брутална централизација, партизација, корупција, клиентелизам и деспотизам.

Во дипломатијата мора да има нулта толеранција за корупцијата и слични злоупотреби. Таква е природата на службата. Притоа, првиот човек на едно министерство мора да биде моралната вертикала, светилник кој на останатите ќе им служи за пример и водилка. А вие водите цела една државна дипломатија, па дури годинава и претседавате со ОБСЕ, организација која во својата суштина, меѓу другото се занимава и со корупцијата, доброто владеење и севкупната демократизација.

Со кое лице ќе барате од земјите учеснички во ОБСЕ да се справуваат со корупцијата, како еден од најбитните предуслови за зајакнување на демократијата, министре? Како ќе го погледнете во очи оној амбасадор во Виена што ќе ве праша за состојбите во Македонија, кога незаконие владее во вашето министерство?

За „позајмување“ на еден туѓ автомобил се оди во затвор. За „позајмување“ на десетина автомобили, ако е сторено од висок функционер, за жал нема последици. Тоа е законски пропуст што ќе мора да се исправи.

Но, она што не може да се исправи е вашиот трајно нарушен углед министре. Време е да се прочистат Авгиевите штали на МНР.

Амбасадор Зоран Дабиќ,

Претседател на Македонскиот дипломатски синдикат

—————————————————————————————————————————

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан