• вторник, 01 октомври 2024

Македонска премиера на филмот „Ескорт“ на Лукас Нола на фестивалот „Браќа Манаки“

Македонска премиера на филмот „Ескорт“ на Лукас Нола на фестивалот „Браќа Манаки“

Скопје, 22 септември 2023 (МИА) - Долгометражниот игран филм „Ескорт” на хрватскиот режисер Лукас Нола, направен во копродукциска соработка со Скопје Филм Студио ќе има македонска премира во рамките на годинешното 44. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки”, што почнува утре и ќе се одржува до 29 септември во Битола.

Филмот ќе биде прикажан како дел од програмата „Специјална селекција“ во Центарот за култура на 25 септември.

-Ароганцијата, примитивизмот и насилството – од институционален, политички, економски, верски и културен вид – доминираат во општеството и ги диктираат речиси сите негови правила. Оваа доминација не е секогаш гласна и очигледна; често е прикриена и речиси незабележлива, но секогаш е тука. Мојата немоќ и немоќта на луѓето околу мене ми создаваат премногу фрустрации. Мојот гнев кон себе што ја прифатив оваа ситуација е инспирацијата што ме натера да ја напишам и снимам оваа приказна, изјави Лукас Нола во режисерската експликација за филмот.

Лукас Нола, покрај тоа што го режираше „Ескорт“, е исто така и автор на сценариото по кое е снимен филмот. Дипломирал филмска режија на Академијата за Драмски Уметности во Загреб. Неговата кариера ја обележуваат осум играни филмови и две мини ТВ серии.

Авторски потпис на филмот ставаат и Фране Памиќ како кинематографер, Славен Зеќевиќ - монтажа, сценографијата е на Иван Вељача, костимографија –Жељка Франуловиќ, шминка – Мојца Горогранц Петрушевска, автор на оригиналната музика е македонскиот композитор Александар Пејовски, а дизајнот на звук е на Игор Поповски. Продуценти на филмот се Хрвоје Перван, Драган Јуриќ и Анкица Јуриќ Тилиќ, а како копродуценти се потпишуваат Томи Салковски и Фатмир Спахиу.

Главните улоги ги толкуваат Живко Аночиќ, Крешмир Микиќ, Никша Бутијер, Хрвојка Беговиќ, Игор Ковач, Хрвоје Баришиќ, Пашко Вукасовиќ и Лена Медар.

„Ескорт“ е копродукција на Кинорама од Хрватска со Скопје Филм Студио и Бука Продукција од Косово и е направен со поддршка од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Хрватскиот Аудиовизуелен Центар, ХРТ и Косовскиот Центар за Кинематографија.

Светската премиера на „Ескорт“ се случи на 18 јули годинава на јубилејното 70. издание на Пулскиот филмски фестивал во Хрватска, каде доби две награди „Златна Арена“, за најдобра споредна машка улога на актерот Крешмир Микиќ и за Сценографија на Иван Вељача, додека на Лукас Нола му беше доделено Специјално признание од оценувачкиот суд на Кино Мрежа. бт/ац/

Фото: Скопје Филм Студио

Остани поврзан