• среда, 08 мај 2024

Македонската фудбалска репрезентација водеше, па загуби од Украина

Македонската фудбалска репрезентација водеше, па загуби од Украина

Скопје, 16 јуни 2023 (МИА) – Македонската фудбалска репрезентација вечерва во Скопје загуби од Украина со 2:3 во квалификациски натпревар за ЕУРО 2024.

Резултатот го отвори Енис Барди во 31. минута од пенал досуден по интервенција на ВАР собата. Девет минути подоцна Елиф Елмас зголеми на 2:0 со прекрасен удар од околу 30 метри откосо.

Целосно различна слика на теренот во второто полувреме. Илја Забарњи во 62. минута намали на 2:1 по вториот корнер за гостите. Јуким Конопља изедначи во 68. минута, Виктор Цигангов во 83. минута го најави целосниот резултатски пресврт.

Од 72. минута нашата репрезентација играше со фудбалер помалку поради исклучувањето на Висар Муслиу (втор жолт картон).

 

За двете репрезентации ова беше втор натпревар во квалификациите за Европското првенство по кој двете имаат по три бода.

Натпреварот одигран на Националната арена „Тодор Проески“ го следеа околу 20 илјади гледачи.

На вториот натпревар од Ц-групата одигран вечерва, Англија како гостин ја совлада Малта со 4:0.

 

Токму Англија по три дена (19 јуни) на „Олд Трафорд“ во Манчестер ќе ја пречека македонската репрезентација, додека Украинците ќе се соочат со Малта. зс/

 

Фото: МИА

Остани поврзан