• петок, 05 декември 2025

Македонската филхармонија гостува во Солун

Македонската филхармонија гостува во Солун

Скопје, 30 јуни 2025 (МИА) - Македонската филхармонија денеска ќе гостува во Солун каде што ќе настапи на заедничка изведба на сценската канатата „Кармина Бурана“ од Карл Орф со Софиската филхармонија и Државниот симфониски оркестар од Солун. 

Настанот ќе се одржи од 21 часот во концертната сала во Солун. Диригент ќе биде Михалис Иконому од Грција, а како солисти ќе настапат нашата сопранистка Ана Дурловски, бугарскиот баритон Иво Јорданов и контратенорот Николас Спанос од Грција.

Ова ќе биде втора изведба на „Кармина Бурана“ по премиерата во Софија во февруари.

По повод изведбата, Филхармонијата наведува дека „Кармина Бурана“ е едно од најголемите музичко-сценски дела што има статус на музички „бестселер“ на 20 век и дека „со своето извонредно влијание врз слушателите, „Кармина Бурана“ ги освои срцата на сите генерации“.

-Композиторот Карл Орф го создаде ова иконично дело, инспирирано од средновековната поетска антологија „Codex Buranus“. Премиерата во 1937 година во Германија предизвика сензација и го означи почетокот на светскиот триумф на оваа кантата. „Кармина Бурана“ во себе обединува антички текстови, волшебни мелодии и моќни ритми. Вклучувајќи хор, солисти, богата оркестрација и сценско дејство, делото раскажува за кревкоста на човечката судбина, за радостите на пролетта, за бурните љубовни страсти и за задоволствата кои ги носи животот, соопшти Филхармомнијата. бд/хс/ 

Фото: Соопштение

Остани поврзан