• недела, 24 ноември 2024

Македонската репрезентација ја совлада Ерменија и обезбеди пласман во Б дивизијата во Лигата на нации

Македонската репрезентација ја совлада Ерменија и обезбеди пласман во Б дивизијата во Лигата на нации

 

Ереван, 13 октомври 2024 (МИА) – Македонската фудбалска репрезентација ја совлада вечерва Ерменија во Ереван со 2-0 (0-0) и со трите бодовиречиси го обезбеди првото место во групата Ц4 и пласманот во Б дивизијата во Лигата на нации од следната сезона.

Победата, трета во серија за избраниците на селекторот Благоја Милески, ја навести Бојан Миовски со прекрасен гол во 72 минута, а ја потврди Исник Алими во 85 минута.

Македонија уште на самиот почеток на дуелот на стадионот „Варгзен Саргсјан“ ја затресе противничката мрежа, но голот на Никола Серафимов беше поништен од ВАР собата поради милиметарски офсајд.

Ерменија во продолжението доминираше на теренот, но не реализираше неколку идеални шанси за гол.

Македонија воспостави контрола врз играта на средина на вториот дел, а откако Дарко Велковски пропушти идеална шанса за гол по слободниот удар на Енис Барди во 70 минута, Миовски набрзо донесе водство, а Алими стави печат на победата.

Македонската репрезентација води на табелата со 10 бодови од четири натпревари, пред Ерменија со четири бодови. Летонија е третопласирана со три, а Фарски острови се на последното место со два бодови пред нивниот меѓусебен дуел вечерва од 20:45 часот.

Двата завршни дуели во рамки на групата Ц4 избраниците на селекторот Благоја Милевски ќе ги одиграат идниот месец во Скопје, против Летонија на 14 и против Фарски Острови на 17 ноември. ег

ФОТО: ФФМ

Остани поврзан