• вторник, 27 јануари 2026

„Македонија 2025“ објави повик за користење бесплатна експертска поддршка од канадски советници

„Македонија 2025“ објави повик за користење бесплатна експертска поддршка од канадски советници

Скопје, 27 јануари 2026 (МИА) - Македонија2025 објави повик за Битов - Програмата за претприемачи, која е основана во соработка со Catalyste+ (поранешна CESO - Canadian Executive Service Organization) - канадска организација со 50-годишнo искуство во меѓународниот економски развој, што работи на развој на приватниот сектор, односно бизниси што ќе просперираат на национално и меѓународно ниво. Повикот е наменет за македонски микро, мали и средни компании за користење бесплатна експертска поддршка од канадски советници, а краен рок за пријавување е 15 март 2026 година.

„Македонија 2025“ целосно ја покрива тарифата за советникот, како и доаѓањето до Македонија, а компаниите имаат обврска да обезбедат сместување, оброци и локален транспорт за советникот (доколку е потребно).

Програмата е наменета за микро, мали и средни компании со минимум една година од постоење на компанијата, чиј сопственик и управител е македонски државјанин и жител; да има лице од компанијата што ќе му биде постојано достапно на консултантот, најтесно ќе соработува со него за време на посетата и има добро познавање на англиски јазик; да има високо ниво на посветеност од страна на менаџментот на компанијата; да е во добра финансиска состојба (има можност за спроведување на промените и препораките од консултантот); да ги исполнуваат критериумите за микро, мали и средни компании.

Во повикот се бара компаниите да бидат од дејностите: туризам и угостителство, финансии, агробизнис, ИКТ, менаџмент на природни ресурси, обновливи извори на енергија, прехранбена индустрија итн., а предност ќе имаат компании што се извозно ориентирани и нудат иновативни решенија.

- „Македонија 2025“ има заедничка мисија со Catalyste+ да влијае на подобрување и зајакување на конкурентноста на македонските компании и ја спроведува оваа програма во Македонија од 2018 година. Досега преку оваа програма се поддржани над 30 македонски компании. Советниците на Catalyste+, кои се професионалци со богати професионални кариери, ќе ја донесат својата експертиза директно во Македонија и ќе работат на конкретни предизвици со кои се соочуваат македонските компании во согласност со нивните барања и потреби - се прецизира во објавата од „Македонија 2025“ за повикот. вј/са/

Фото: Македонија2025

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан