Македонија има најевтина храна во Европа, Швајцарија најскапа
- Северна Македонија има најевтина храна меѓу 36 европски земји. Стандардна кошничка за храна, според податоците на Евростат за 2024 година, во земјава чинела 73 евра, што е за 27% помалку од просекот на ЕУ, пиштува Еуроњуз. Од друга страна, Швајцарија е најскапата земја - цените на храната таму се за 61,1% повисоки од просекот на ЕУ, а истата кошничка чини 161,1 евро.
Скопје, 16 декември 2025 (МИА) - Северна Македонија има најевтина храна меѓу 36 европски земји. Стандардна кошничка за храна, според податоците на Евростат за 2024 година, во земјава чинела 73 евра, што е за 27% помалку од просекот на ЕУ, пиштува Еуроњуз. Од друга страна, Швајцарија е најскапата земја - цените на храната таму се за 61,1% повисоки од просекот на ЕУ, а истата кошничка чини 161,1 евро.
Северна Македонија е земја-кандидат за членство во ЕУ - сè уште не е членка, но има активни трговски договори со Унијата - додека Швајцарија не е дел од Европската економска зона (ЕЕА) и ја темели својата соработка со ЕУ врз мрежа од билатерални договори.
Иако цените на храната во некои земји се пониски отколку во Европската Унија како целина, домаќинствата во овие земји често трошат поголем дел од својот буџет за храна.
Храната е една од најголемите трошоци на домаќинствата во Европа, со просек од 11,9% од вкупната потрошувачка во земјите од ЕУ, а во некои земји, како што е Романија, овој удел се зголемува на 20%.
Цените на храната значително варираат низ цела Европа. Индексот на цените на храната на Евростат обезбедува добра основа за споредба. Ако просечната кошничка за храна во ЕУ е поставена на 100 евра, индексот покажува колку би чинела истата кошничка во секоја поединечна земја, наведува Еуроњуз. Ниво на цени над 100 значи дека земјата е поскапа од европскиот просек, додека вредност под 100 означува пониски цени.

Во рамките на ЕУ, Романија (74,6 евра) има најниски цени на храната, додека Луксембург (125,7 евра) е најскап. Храната е за 25,4% поевтина во Романија и за 25,7% поскапа во Луксембург од просекот во ЕУ.
По Швајцарија, на врвот на листата по скапотија на храната се уште две членки на Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА): Исланд (146,3 евра) и Норвешка (130,6 евра).
Земјите на ЕФТА не се членки на ЕУ, но соработуваат со Унијата првенствено во областите на трговија и пристап до пазарот, додека задржуваат поголема национална контрола врз законите, границите и политиките.
Цените на храната се најмалку 10% повисоки од просекот на ЕУ во Данска (119,3 евра), Ирска (111,9 евра), Франција (111,5 евра), Австрија (110,9 евра) и Малта (110,9 евра).
Југоисточна Европа и Западен Балкан како целина имаат најниски цени на храната.
Покрај Северна Македонија и Романија, Турција (75,7 евра), Босна и Херцеговина (82,5 евра), Црна Гора (82,6 евра) и Бугарија (87,1 евра), се значително под просекот на ЕУ. Србија (95,7 евра) и Албанија (98,7) се исто така поевтини од просекот на ЕУ.
Меѓу четирите најголеми економии на ЕУ, натпросечни цени на храната се забележани во Италија (104 евра) и Германија (102,9 евра), додека Шпанија (94,6 евра) е 5,4% поевтина од просекот на ЕУ.
Повеќето земји од Централна Европа и неколку земји од Источна Европа остануваат под или блиску до просекот на ЕУ, вклучувајќи ги Словачка, Полска, Чешка и Унгарија.
Западна Европа генерално бележи повисоки цени на храната, а нордиските земји се меѓу најскапите во Европа.
Зошто разликите во цените се важни за домаќинствата
Иларија Бенедети, вонреден професор на Универзитетот во Тоскана, вели дека структурните фактори како што се трошоците за производство, интеграцијата на синџирот на снабдување и изложеноста на глобални шокови играат клучна улога во разликите во цените.
- Помалите и високо отворените економии - честопати со валути кои се предмет на посилни флуктуации - доживеаја посилно пренесување на зголемените трошоци за енергија и земјоделско производство за време на пандемијата и војната во Украина“, изјави Бенедети за Еуроњуз.
Нагласува дека овие разлики се важни бидејќи има влијание врз тоа колку од буџетот на домаќинствата се троши за храна.
Во голем број земји од Источна и Југоисточна Европа, храната сочинува повеќе од 20% од расходите на домаќинствата, додека во побогатите економии овој удел е претежно под 12%.
- Затоа, истото зголемување на цените има многу посериозно влијание во земјите со пониски приходи, вели Бенедети.

Трошоци за работна сила и плати
- Најважната причина се разликите во приходите и платите, смета Алан Метјуз, професор на колеџот „Тринити“ во Даблин.
Земјите со повисоки просечни плати, како што се Данска и Швајцарија, имаат тенденција да имаат повисоки цени на храната бидејќи трошоците за работна сил во земјоделството, преработката и малопродажбата се пренесуваат на потрошувачите.
- Разликите во оданочувањето, особено во стапките на ДДВ за прехранбените производи, исто така објаснуваат некои од разликите, вели Метјуз. Некои земји, како што е Ирска, имаат пониски или дури и нулта стапки на ДДВ за храна, додека други, како што е Данска, ја применуваат стандардната стапка на ДДВ за храната.
Метјуз, исто така, истакнува дека цените на храната се под влијание и на навиките на потрошувачите.
На пример, потрошувачите во Северна и Западна Европа имаа поголема можност да купуваат органски или премиум производи.
Последици за безбедноста на храната
Џеремијас Мате Балог, професор на Универзитетот Корвинус во Будимпешта, предупредува дека овие разлики во цените имаат последици за безбедноста на храната, особено кога се гледаат во комбинација со расположливиот приход.
- Додека земјите со високи приходи можат полесно да издржат повисоки цени, домаќинствата со пониски приходи во Централна и Источна Европа носат непропорционално поголем товар, дури и кога номиналните цени на храната се пониски, вели Балог.
Ценовниот систем на Евростат не го зема предвид приходот на домаќинствата, па затоа овие вредности не се прилагодени според куповната моќ. На пример, иако храната е скапа во Данска, луѓето таму имаат повисоки расположливи приходи, па затоа можат да си дозволат повеќе основни прехранбени производи.са/
Фото: МИА / Еуроњуз