• четврток, 26 март 2026

„Македонистички предавања“ - нова книга од Ала Шешкен

„Македонистички предавања“ - нова книга од Ала Шешкен

Скопје, 29 април 2025 (МИА) - Во издание на Здружението на уметност и култура „Дијалог“ од Скопје, деновиве од печат излезе книгата „Македонистички предавања“ од познатиот руски славист, академик Ала Шешкен. Книгата е објавена по повод значајниот јубилеј - педесет години македонистика на Универзитетот „Ломоносов“ во Москва, информираат денеска од тимот што стои зад објавувањето на делото.

Како што се нагласува, издавачот подвлекува дека „идејата за покренување на македонистички студии и нејзиното реализирање на еден од најголемите универзитети во светот, означи досега петдецениски период на афирмација на македонскиот јазик и литература“.

- Меѓу професорите кои дадоа значаен придонес во развојот на македонистичките студии, е академик Ала Генадиевна Шешкен. Како славист и компаративист, Шешкен долги години е промотор на македонската литература во Русија. Автор е на над 200 научни трудови со што ги поставува темелите на систематското концептуално предавање и проучување на македонската литература. Држи предавања и специјални курсеви од историјата на македонската литература, култура и македонската литературна критика на катедрата за словенска филологија при Филолошкиот факултет на Универзитетот „Ломоносов“, се додава во соопштението.

Рецензентот и уредник на книгата, Веле Смилевски, пишува дека „овој труд на академик Ала Шешкен е логички резултат на нејзината долгогодишна посветеност на македонската литература во наставата на Универзитетот „Ломоносов“, како важна мисија кај новите генерации слависти во Русија, но и на научно поле, со задлабочени анализи и толкувања на делата на македонските писатели“.

- Најголемиот дел од книгата „Македонистички предавања“ е посветен на развојните процеси на македонската литература во дваесеттиот век, со акценти на тематските и стилските особености во делата на десетици македонски писатели, кои оставиле впечатливи траги во доменот на поезијата, прозата и драмата. Со ваквиот научен пристап, книгата претставува своевидна историја на македонската литература на минатиот век, подвлекува Смилевски.

Шешкен, родена во 1952 година, е доктор по филолошки науки.

- Член е на Македонската академија на науките и уметностите од 2006 година. Добитник е на меѓународното признание „Блаже Конески“ во 2015 година, за придонес во проучувањето и афирмацијата на македонската литература и македонскиот јазик. Носител е на наградата „Почесно Рациново признание“ (2021). Ала Шешкен долги години е активен учесник на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид. Со своите студенти, таа секоја година учествува во работните сесии на Семинарот, се додава во соопштението. бд/дма/

Фото: Соопштение

Остани поврзан