• петок, 22 ноември 2024

МАГО организира панел по повод Светскиот ден на гинеколошки карциноми

МАГО организира панел по повод Светскиот ден на гинеколошки карциноми

Скопје, 20 септември 2023 (МИА) - Со панел дискусијата „Премостување на предизвиците при дијагноза и лекување на гинеколошки карциноми – каде сме во моментов и каде се движиме?”, Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО) ќе го одбележи Светскиот ден на гинеколошките карциноми, 20-ти септември.

Овој ден, како што наведува МАГО, е посветен на подигање на свеста за гинеколошките карциноми, за поддршка на заболените од гинеколошки карциноми, како и за нивно застапување за подобар пристап до соодветна здравствената заштита и ресурсите за превенција, рано откривање и лекување. Дискусијата, пак ќе претставува иницијатива - заедничка акција/партнерство на сите засегнати страни кои соработуваат – владини претставници, здравствени работници од сите специјалности кои секојдневно учествуваат во дијагноза и лекување на пациентите, пациенти, невладини организации и здруженија на граѓани - секој што е заинтересиран за унапредување на женското здравје.

-Ќе се отворат повеќе прашања: за здравствените предизвици на гинеколошките карциноми во агендата на државната здравствената политика, за развојот на национален регистар за гинеколошки карциноми, за развој на истражувачки/работни групи со цел подлабоко истражување (собирање на примероци) на гинеколошките карциноми и преку размена на знаења да се придонесе кон идентификување и промоција на соодветни решенија и најдобри практики – унифицирани клиничките протоколи, за aктивен придонес кон колективно учење преку зголемено информирање на јавноста за симптомите на гинеколошките карциноми, за подобрување на пристапот и опфатот со примарните превентивни прегледи –  едукација на секоја девојка и жена за самопреглед – самостојно земање на примерок за ХПВ типизација и друго, како и за подобрување на пристапот до ретки третмани и квалитетот на животот на пациентите преку подобрување на условите за нега и грижа, наведува МАГО.

На прес-конференцијата по овој повод, ќе зборуваат проф. д-р Глигор Тофоски, претседател на МАГО, претставник од Министерството за здравство, како и Милица Кузманоска, претседател на здружението ФЕМИНА М, здружение за помош и поддршка на пациенти со гинеколошки заболувања. мч/лв/

фото: МАГО

Остани поврзан