• понеделник, 23 декември 2024

МАГО за подигнување на свеста за важноста и грижата за репродуктивното и сексуалното здравје на жената

МАГО за подигнување на свеста за важноста и грижата за репродуктивното и сексуалното здравје на жената
Скопје, 19 септември 2022 (МИА) - Македонската асоцијација за гинеколози и опстетричари (МАГО), денеска по повод 20 Септември - Светскиот ден за гинеколошките карциноми, на прес-конференција ќе укаже на потребата за подигнување на свеста за важноста и грижата за репродуктивното и сексуалното здравје на секоја жена, за значењето на раната дијагноза и навремениот третман на ретките гинеколошки карциноми. Како што е најавено, ќе се обратат повеќе еминентни доктори проф.Жан Калеја Агуис од медицинскиот универзитет од Малта, проф. Клејда Харасани од медицинскиот факултет од Тирана, проф. Шерон О’Тул од Даблин, Ирска, како и проф. д-р Глигор Тофоски, од Медицинскиот факултет во Скопје. Според МАГО, ретките гинеколошки карциноми ретко добиваат внимание од науката, во клиничките истражувања, и здравствената политика. - Но, фактите се загрижувачки. Приближно 18,5 милиони жени годишно се заболени од гинеколошки карцином, а скоро на секои пет минути, згаснува животот на една жена. На глобално ниво, се проценува дека гинеколошките карциноми сочинуваат приближно 19 проценти од ново дијагностицираните карциноми кај жените, а повеќе од 50 проценти од овие карциноми може да се класифицираат како ретки, појаснуваат од МАГО. Посочуваат дека приближно 80.000 нови случаи со редок гинеколошки карцином се дијагностицираат годишно во Европа, а ретките гинеколошки карциноми исто така се асоцираат и со лоша прогноза (петгодишна вкупна стапка на преживување на пациентите со редок гинеколошки карциноми е само 48,5 проценти). Бидејќи мултидисциплинарниот пристап и вмрежувањето е од суштинско значење, најавуваат од МАГО, поддржани од European cooperation in science and technology, COST, во период од 18-ти септември до 20-ти септември 2022 година, Македонското Лекарско Друштво (МЛД) и Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО), се организатори на меѓународната работилница наменета за доктори, специјализанти и специјалисти од повеќе медицински области, именувана „Updates on Rare Gynecological Cancer: Focus on Pathological Aspects and Beyond”. Во рамки на работилницата ќе се одржи и виртуелна промоција на книгата: „Telemedicine in Therapeutic Assistance particularly in Oncology” во соработка со медицинскиот универзитет од Болоња, Италија. цр/ев/

Остани поврзан