• понеделник, 23 декември 2024

Луѓето со недостиг од витамин Д имаат посериозна ковид-слика

Луѓето со недостиг од витамин Д имаат посериозна ковид-слика
Нахарија, 9 февруари 2022 (МИА) - Израелски научници дојдоа до сознание дека има значителни разлики во шансите за развој на сериозни последици од Ковид-19, споредувајќи ги пациентите кои имале доволно витамин Д пред да се заразат, со оние кои имале недостаток од витаминот кога биле заразени. Научен труд, објавен во списанието „Плос уан“ (PLOS One), покажа дека половина од луѓето кои имале недостаток на витамин Д пред да се заразат со Ковид-19, потоа развиле потежок облик на болеста, во споредба со помалку од 10 отсто од луѓето кои имале поголемо ниво на витаминот во крвта. Одамна е познато дека витаминот Д е од витално значење за здравјето на коските, но неговата улога во заштитата од коронавирусот досега беше помалку позната. - Најновото истражување е првото што ги испитува нивоата на витамин Д кај поединци пред да се заразат со Ковид-19. Најдовме неверојатни и запрепастувачки разлики во вашите шанси да станете пациент со тешки симптоми кога имате недостаток на витамин Д во споредба со кога некое лице има доволно ниво на овој витамин, рече д-р Амиел Дрор, автор на испитувањата и лекар од Медицинскиот центар на Галилеја во Нахарија, Израел. Сепак, истражувањата не докажуваат дека витаминот Д штити од коронавирус и не е изговор за избегнување на вакцини и земање витамини. Поголемиот дел од витаминот Д доаѓа од директното изложување на кожата на сончева светлина, а го има и во храната како што е риба, печурки, жолчки од јајце... Нивоата на витамин Д повисоки од 20 нанограми на милилитар се сметаат за доволни за повеќето луѓе, според американскиот Центар за контрола и превенција на болести.  си/

Остани поврзан