• петок, 05 декември 2025

Лукровски: Време е за промени и нов концепт за Карпош, да ставиме крај на криминалот и личните интереси на Стевчо Јакимовски

Лукровски: Време е за промени и нов концепт за Карпош, да ставиме крај на криминалот и личните интереси на Стевчо Јакимовски

Скопје, 31 октомври 2025 (МИА) - Во „Тема на денот“ на Сител телевизија гостуваше кандидатот за градоначалник на општина Карпош од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски кој истакна дека во вториот круг гласање граѓаните треба да се одлучат дали ќе застанат зад човек кој носи визија за општина Карпош и нови промени или зад профил на личност како актуелниот градоначалник Стевчо Јакимовски кој е на црната листа на САД и зад кој стојат бројни неуспеси и криминали, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ кое МИА го објавува интегрално. 

„Ако пробам да се сетам господинот Јакимовски во која се  партија бил и од кого се бил низ годините поддржан, иницијативи, итн, јас ова не го гледам како судир на опозицијата и власта во Карпош, јас пред се би рекол дека во Карпош се работи за едно референдумско гласање каде што граѓаните треба да се решат помеѓу два фронта, оние кои се обединуваат околу мене, значи луѓе кои носат нова визија, носат нов концепт, нешто ново, 65% од граѓаните во Карпош сметаат дека е време за промени и од друга страна не опозициски, него имаме еден блок кој треба да застане позади човек кој пред се е на црната листа на САД и е со првостепена осуда за криминал“, вели Лукровски.

Лукровски во емисијата посочи дека Стевчо Јакимовски во текот на својот мандат стекнувал имот во општината и влијаел врз урбанистичките решенија за лична корист и додаде дека со  резултатите од првиот круг, жителите на општина Карпош веќе испратиле јасна порака за промени и нов концепт.

„Значи луѓето треба да проценат дали ќе застанат зад старите практики на распродавање на нашата општина од лични интереси, деновиве излегоа неколку информации како досегашниот градоначалник Стевчо Јакимовски се стекнувал со имот низ нашата општина, некому бришел маркици за да си ги додели себе и на семејството и сметам дека воопшто не се работи за борба меѓу власта и опозицијата туку за борба меѓу црното и белото, за доброто и лошото, за нешто што треба да е мината практика, тоа и го порачаа граѓаните во првиот круг и еден нов концепт и една нова визија за подобар Карпош’, рече Лукровски.

Тој во интервјуто ги повика граѓаните во недела да излезат масовно на гласање и да ја потврдат победата од првиот круг, кога граѓаните покажаа дека сакаат промени и дека во општина Карпош е дојдено времето да се случат промените.

Лукровски ја побара довербата и на младите и на повозрасните карпошани, потенцирајќи дека во програмата предвидени се проекти за сите генерации.

„Кога се работи за луѓето од третото доба или за пензионерите, нудиме една програма на активно стареење, да ги инволвираме, да направиме една инклузивност во општината, да ги внесеме да бидат општествено одговорни, да бидат редари во раните утрински часови, да можат дечињата безгрижно да ги поминат учениците, да се вклучат во наводнувањето на парковите и така натаму и за тоа се надевам дека ќе успееме да обезбедиме и една материјална поддршка. Ветив и до 12 илјади денари по основ и на договори за пензионерите со кој ќе можат да го подобрат своето живеење. Исто така, медицински екипи со санитетски возила, кој пензионерите ќе ги земаат од дома, ќе ги однесат до одредени прегледи и снимања и ќе ги вратат назад во своите домови“, рече Лукровски.

До делот на градба, додаде дека планира Карпош хумано да се развива и за таа цел, предвидено е да се направи јавно претпријатие Карпош план, кое ќе се занимава со урбанизацијата во општината.

Запрашан дали мостот на реката Вардар кој треба да ги поврзе улицата Љубљанска со Скупи, ќе стане употреблив во скоро време, Лукровски истакна дека со кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски имаа повеќе средби за проекти во ингеренции на Градот, но кои се важни за Карпош, при што се обврзаа уште во првата година овој мост ќе се стави во функција.

„Уште во првата година мостот ќе биде во функција. Ќе се завршат сите технички работи кои треба да се завршат и конечно, мостот ќе ги поврзува Скупи и Љубљанска во Карпош 4 и ќе го олесни цел проток на возила што ќе биде заедно со клучката кај Момин поток, која исто така ветивме дека ќе биде готова во првата година. И сето ова ќе значи големо олеснување за движењето на возилата и сообраќајот во Карпош“, рече Лукровски.

Фото ВМРО-ДПМНЕ



 

 

Остани поврзан