• сабота, 10 јануари 2026

Лондон, Париз и Берлин го осудија рускиот напад со Орешник врз Украина

Лондон, Париз и Берлин го осудија рускиот напад со Орешник врз Украина

Лондон, 9 јануари 2026 (МИА) – За лидерите на Велика Британија, Франција и Германија, истрелувањето на балистичката ракета со среден дострел Орешник врз западна Украина е „ескалирачки и неприфатлив“ чин.

Британскиот премиер Кир Стармер, германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон во денешниот телефонски разговор истакнаа дека „континуираните“ напади на Русија, „вклучувајќи ја и употребата на балистичка ракета со среден дострел Орешник врз западна Украина“, претставуваат „ескалација и се неприфатливи“.

Министерството за одбрана на Русија претходно соопшти дека нападот е извршен како одговор на „терористичкиот напад“ на Украина врз резиденцијата на рускиот претседател Владимир Путин на 29 декември минатата година.

Украина негираше дека ја нападнала резиденцијата на Путин и ја обвини Москва дека со лажно тврдење ги оправдува нападите врз владините згради во Киев.

Русија првпат истрела ракета Орешник врз индустрискиот град Дњепар во ноември 2024 година.

Путин тврди дека западните системи за противвоздушна одбрана не се способни да ја пресретнат ракетата Орешник, која може да погоди цели во Западна Европа.

Орешник може да носи и нуклеарна боева глава. ми/ссм/

фото: ДПА архива

Остани поврзан