• недела, 22 декември 2024

Логотетис: Се замрзнува издавањето одлука по барањето на азил во Грција за сириските бегалци

Логотетис: Се замрзнува издавањето одлука по барањето на азил во Грција за сириските бегалци

Атина, 10 декември 2024 (МИА) – По последните случувања во Сирија, Грција го замрзнува издавањето одлука по барањето за азил за сириските бегалци, соопшти генералниот секретар од Министерството за миграција и азил Манос Логотетис во интервјуто за државната телевизија ЕРТ и посочи дека во земјата има над 8.000 Сиријци баратели на азил, јави дописничката на МИА од Атина.

Логотетис објасни дека „она што е замрзнато и мора да се замрзне е делот на донесување решение по барањето“, додавајќи дека тоа е процес што е замрзнат и на европско ниво, но и објасни дека тоа не значи дека нема да примаат нови барања или дека е замрзната процедурата за азил.

-Мнозинство од луѓето кои доаѓаат во земјата поднесуваат барање кое го има основното тврдење дека „во Сирија сум во опасност, бидејќи има авторитарен режим од Владата на Асад“. Ова веќе не постои. Значи мораме да ги преиспитаме податоците, посочи генералниот секретар за миграциска политика.

Додаде дека во Грција во изминатите години бил доделен азил на околу 200.000 бегалци од Сирија, а во моментов нешто повеќе од 8.000 луѓе згрижени во земјата „сè уште се баратели на азил“ и никој од нив не изразил интерес да замине.

Според грчките медиуми, барањата на азил за Сиријците ќе биде една од темите на состанокот на владиниот совет за национална безбедност што в петок ќе го одржи премиерот на Грција. ср/ссм/

Остани поврзан