• вторник, 27 февруари 2024

Лога од Судски совет бара да ја изземе Лорета Ѓоргиева од Комисијата на известители поради конфликт на интереси

Лога од Судски совет бара да ја изземе Лорета Ѓоргиева од Комисијата на известители поради конфликт на интереси

Скопје, 24 ноември 2023 (МИА) - Министерот за правда Кренар Лога со писмен допис бара од Судски совет поради конфликт на интереси да ја изземе Лорета Ѓоргиева од Комисијата на известители по поднесени барања за утврдување одговорност на судија/претседател на суд, соопштија попладнево од ресорното Министерство.

Министерот за правда Кренар Лога, како што потенцираат, во дописот до Судски совет наведува дека и покрај претходните укажувања за навремено доставување на материјалите, тие не му се доставуваат ниту пред ниту после одржувањето на седницата која е одржана на 23 ноември.

-Недозволиво е министер за правда да се информира за точките од дневниот ред од медиумите преку кои бевме информирани за изборот на Лорета Ѓоргиева за член на Комисијата. Поради конфликтот на интереси и фактот што Ѓоргиева јавно застана во одбрана на судијата Лазар Нанев кој неодамна беше ослободен од функцијата претседател и член на Советот на ИКТ, министерот за правда бара Судскиот совет да ја изземе Ѓоргиева од Комисијата на известители по поднесени барања за утврдување одговорност на судија/претседател, вели Лога во дописот до Судски совет.

Доколку Ѓоргиева не се изземе од Комисијата, се наведува во соопштението, Судскиот совет прави лош преседан со кој ќе се намали и онака ниската доверба на граѓаните во правосудниот систем.фф/дма/

Фото: МИА Архива/Министерство за правда

Остани поврзан