Ловното друштво Сокол од Куманово ќе користи дванаесет ловишта
- Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денеска се сретнаа со надлежните и членови на ловечкото друштво „Сокол“ од Куманово. Целта на средбата е примопредавање на договорот за користење на дванаесет ловишта на кумановското друштво.
Куманово 4 август 2025 (МИА) - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денеска се сретнаа со надлежните и членови на ловечкото друштво „Сокол“ од Куманово. Целта на средбата е примопредавање на договорот за користење на дванаесет ловишта на кумановското друштво.
-Денеска сум на средба со ловното друштво „Сокол“ од Куманово, едно од најстарите друштва во Република Македонија. Минатага година по состанокот во техничката Влада со истото ова друштво, разговаравме во тоа време за сите предизвици со кои што се соочувало ова ловно друштво. И денеска сум овде на врачување на договорот за доделување и заштита на дванаесет ловишта на ова ловно друштво со кои располага во овој регион.
Само за потсетување повеќе од осум години овие ловишта беа оставени без концесионер поради едни погрешни политки кои што претходната влада ги водеше во делот на ловот во Македонија, изјави министерот Трипуновски.

„Сокол“ е едно од најстарите дрјштва во Македонија и како што соопшти министерот со овој договор ловците ќе можат да одгледуваат и направат заштита на ловните терени со кои стопанисуваат.
-За потсетување, ние како Министерство со измената на Законот за ловство која што ја направивме, практично ги ставаме на располагање ловиштата во една транспарентна постапка, а за сите оние кои не се објавени овие денови одиме со серија за распределба на ловиштата. Некаде околу 69 ловишта ќе бидат ставени на јавни повици за да аплицираат сите ловни друштва, но заради изборниот процес кој започнува постапката ќе ја завршиме по локалните избори. И за ова ловиште по завршување на изборите ќе биде распишан повик каде што ќе биде ставено ловиштето во полна функција, додаде Трипуновски.

Претседателот на „Сокол“, Владимир Михајловски се заблагодари на Владата и ресорното Министерство, очекувајќи дека правилно ќе стопанисуваат со ловиштата. Тој нагласи дека кумановци имаат вековна традиција на ловство и додаде дека во минатото ова друштво имало околу илјада членови.
- Очекувам да се развива ловството. Станува збор за голема територија, рече Михајловски. ам/вј/
Фото: МИА