• недела, 22 декември 2024

Нов број на „Лице в лице“: Инклузивните работни места - решение за подобрен пазар на трудот

Нов број на „Лице в лице“: Инклузивните работни места - решение за подобрен пазар на трудот

Скопје, 14 август 2023 ( МИА) - Предизвикот за да се надмине хроничниот дефицит на работна сила, е во фокус  на најновото издание на списанието за одржлив развој „Лице в лице“. Овој број на списанието  се осврнува на одговорите како да се активира долгорочно невработеното население, но, и како да се задоволат барањата на бизнисите, со еден нов императив во нивното делување - обезбедување место на инклузијата и различностите.

Како што е наведуваат издавачите, според податоците на Агенцијата за вработување, има 8.754 отворени работни места. Oд друга страна, има над 116.000 регистрирани невработени, над 30.000 приматели на социјална помош, а над 29.000 не бараат работа зашто сметаат дека нема расположливи места. Најбарани занимања се продавачи, хигиеничари, општи работници, шијачи, возачи на камион, келнери, готвачи, а најпогодени поради недостаток на работна сила се преработувачката индустрија и трговијата на големо и мало.

- Сè повеќе млади не го сакаат стандардниот начин на работа од девет до пет. Имаат поинакви вредности, не се разбираат со работодавачите. Дали треба да ги превоспитуваме? Не, треба да се прилагодиме едни на други! Инпутите што доаѓаат од таа страна носат многу, ако знаеме да ги прочитаме, вели  Климентина Илијевски, извршна директорка на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, издавач на „Лице в лице“.

Таа нагласува дека не може да се прескокне преку тоа дека долгото отсуство од пазарот на труд, некои лица ги прави поразлични, и дека им е потребно време за адаптација, менторство, надворешно – од социјален ментор и внатрешно, од ментор за професионална интеграција на работното место. Менторство за работна интеграција, или социјално менторство, има за цел да ја олесни интеграцијата на пазарот на трудот и со тоа значително да влијае на создавањето инклузивни работни места.

Со оглед на тоа  како треба да бидат подготвени индивидуалците за влез на пазарот на труд, така треба да бидат подготвени и претпријатијата за тоа како да создадат инклузивна работна култура. Според тоа, ова не подразбира само отвореност за вработување, туку и внатрешно дејствување, трансформација на културата, која на долг рок носи значајна придобивка за бизнисот што подразбира и зголемување на добивката.

Најновиот број на „Лице в лице“, подготвен во рамки на Регионалниот проект на ГИЗ „Социјално вклучување на ранливи групи во Западен Балкан“, е достапен кај продавачите од партнерските организации: во Скопје – Црвен крст на град Скопје, Центар за заштита на правата на детето / Дневен центар за деца на улица „Шуто Оризари“, „Порака Неготино“, Волково,  „Битола - МКЦ“, во Струга и Охрид – „Порака Нова“ и во Неготино – „Порака Неготино“.  љм/са/

Фото: Лице в лице - Македонија

 

Остани поврзан