Литванија бара објаснување од Белорусија за дрон кој паднал на нејзина територија
- Во дипломатска нота, Литванија изразила „остар протест поради незаконско влегување“ на беспилотното летало во нејзиниот воздушен простор, соопшти денеска литванското Министерство за надворешни работи.
Вилнус, 17 јули 2025 (МИА) – Литванија повика белоруски дипломат на разговор и побара објаснување за падот на дрон од белоруско потекло кој навлегол на нејзина територија.
Во дипломатска нота, Литванија изразила „остар протест поради незаконско влегување“ на беспилотното летало во нејзиниот воздушен простор, соопшти денеска литванското Министерство за надворешни работи.
Инцидентот се случил на 10 јули, кога руски дрон од белоруско производство од типот „Гербера“ се урнал во близина на границата со Белорусија. Дронот наликува на борбените дронови „Шахед“, кои Русија ги користи во војната против Украина.
Според литванскиот министер за одбрана Кестутис Будрис, инцидентот најверојатно е поврзан со напад врз Украина, пренесува ДПА.
Литванската армија соопшти дека дронот бил забележан надвор од територијата на земјата и се урнал неколку минути откако ја преминал границата. Иако немал експлозив, инцидентот ги натера премиерот Гинтаутас Палучкас и претседателот на парламентот Саулиус Сквернелис да побараат засолниште како мерка на претпазливост.
Во тек е истрага за целта на дронот, кој бил изработен од иверка и пена. Властите исто така размислуваат за соодветен одговор на инцидентот. ссм/
фото: архива