• четврток, 26 март 2026

Лекар од кумановската болница: Пиротехника остава трајни последици

Лекар од кумановската болница: Пиротехника остава трајни последици

Куманово, 31 декември 2025 (МИА) - Лекарите од кумановската општа болница, денеска предупредија на здравствените ризици за младата популација од користење на пиротехника. Д-р Иван Аргиров, специјализант по општа хирургија од здравствената установа, вели низ годините повремено третираат пациенти, пред сè млади лица со повреди предизвикани од пиротехнички средства.

- Во седумгодишната пракса во Општата болница Куманово, секоја година во предновогодишниот период имаме пациенти со ваков тип повреди, изјави д-р Аргиров.

Иако, бројката не е голема тежината на повредите е загрижувачка, особено затоа што најчесто станува збор за млади лица.

- Сме имале пациенти од изгореници од прв, втор степен кои соодветно ги третираме, но имаме и потешки случаи, млади пациенти со ампутирани прсти, каде што реимплантација на тој екстремитет е минимална, скоро невозможна, така што тие остануваат со траен инвалидитет, со ограничена работна, социјална способност, но исто така тука треба да се спомне и психолошкиот аспект, кај тие луѓе бидејќи нели станува збор за една тешка и сериозна повреда, изјави докторот.

Денешната пиротехника е значително посилна и поопасна во споредба со онаа од минатото, што дополнително го зголемува ризикот од тешки повреди. МВР преку акции, постојано потсетува на штетните последици од користењето на и пиротехнички средства. Неодамна се одржа и симулациска вежба преку која граѓаните, пред сè младите се информираа за сериозните опасности што произлегуваат од несоодветната и неконтролирана употреба на пиротехнички средства, особено во периодот на новогодишните празници. Од СВР Куманово потсетија и на законските одредби во кои е санкционирана употребата на пиротехнички средства и нивната нелегална продажба.

Д-р Аргиров укажува дека првичната реакција може да ја намали тежината на повредите.

- Наједноставно е ладење на тој екстремитет ако останува збор за некоја повреда каде што има крвавење, компресивна преврска и повикување на брза помош и да дојдат кај нас во хируршки ургентен центар за ние подоцна да ја истретираме на соодветен начин, изјави тој.

И лекарите апелираат воопшто да не се користат пиротехнички средства и повикаа сите да уживаат во празничниот период. ам/

Фото МИА 

Остани поврзан