• вторник, 27 август 2024

Лекари без граници: Стотици илјади Палестинци „заробени“ во зона од 41 квадратен километар

Лекари без граници: Стотици илјади Палестинци „заробени“ во зона од 41 квадратен километар

Париз, 26 август 2024 (МИА) - Организацијата Лекари без граници (MSF) соопшти дека евакуација на болницата Ал-Акса е неприфатлива по одлуката на израелската војска да ги евакуира областите источно од Деир ал-Белах во централниот дел на Појасот Газа, јавува Анадолија. MSF предупреди дека Газа и понатаму е под интензивни напади од Израел.

Тие потсетија дека Израел бара евакуација на областите во близина на болницата Ал-Акса во Деир ал-Белах и дека експлозија на само 250 метри од болницата предизвикала паника, поради што многу луѓе ја напуштиле болницата.

„Сите завојувани страни мора да ја почитуваат болницата и пристапот на пациентите до медицинска нега“, соопшти организацијата Лекари без граници.
Се додава дека постојаните барања за евакуација од страна на Израел „заробиле“ стотици илјади раселени лица во т.н. „хуманитарна зона“ од само 41 квадратен километар.

Откако израелската војска донесе одлука за евакуација на областите источно од Деир ал-Белах, Палестинците започнаа со евакуација на болницата Ал-Акса и нејзината околина.

Портпаролот на израелската војска, Авихај Адрае, побара евакуација на областа источно од градот Деир ал-Белах и жителите на тоа подрачје да заминат на запад, што ги принуди Палестинците повторно да тргнат во потрага по побезбедно засолниште.

Болните и ранетите во болницата Ал-Акса исто така мораа да ја напуштат болницата во инвалидски колички или во болнички кревети.

Директорот на болницата Ал-Акса, Ијад ал-Џабри, изјави на прес-конференција дека по одлуката за евакуација на 128-от блок, во кој се наоѓа болницата, повредените и пациентите кои имаат потреба од лекување, како и медицинскиот персонал ја напуштиле здравствената установа поради страв за своите животи.

Тој нагласи дека, како раководство на болницата, ќе продолжат да ги пружаат неопходните медицински услуги на пациентите. Ја повика меѓународната заедница да преземе акции за заштита на болницата Ал-Акса, која е единствената преостаната болница во регионот.

Министерството за здравство на Газа исто така повика на заштита на болницата Ал-Акса, нејзините пациенти и здравствени работници.

Во соопштението се наведува дека во болницата сè уште има околу 100 пациенти, од кои седуммина се на лекување на интензивна нега. ссм/

фото: архива

Остани поврзан