• сабота, 21 декември 2024

Левица: 100 дена нова влада стара политика - ДПМНЕ ја продолжува праксата на СДС

Левица: 100 дена нова влада стара политика - ДПМНЕ ја продолжува праксата на СДС

1 октомври 2024 

Бришење на името Македонија и секој негов писмен траг, прифаќање на Преспанскиот договор, национални понижувања и дипломатски скандали, злоупотреба на службената положба и зголемување на бројот на министерствата, воведување нови директори и најавување на енормни задолжувања, се дел од „успесите“ кои ги донесе новата Влада, во првите сто дена владеење.

Десничарската коалиција на ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ создаде една од најобемните Влади до сега, под ветување дека ќе се намали бројот на агенции и директорски места, но тоа не се случи. Наместо ова, монструозниот државен апарат што се создава, е слуга исклучително на коалициските апетити за полнење на џеповите на функционерите од Власта.

Со обезбедено мнозинство ја одбија понудата за претседател на Собранието и бланко поддршката од #Левица, а подоцна ја одбија и интерпелацијата и го устоличија Африм Гаши, којшто во низа скандали ја погази државата и злоупотреби неговите ингеренции.

Додека наставниците се оставени на минимална плата, за трет албански универзитет се одвоени над 34 милиони евра. Коалицискиот партнер на Мицкоски најави паралелна албанска академија, додека на оваа иредентистичка политика и претходеа изјави на премиерот за дестабилизација на државата. Од друга страна, по договор на коалицијата Законот за бранителите останува заглавен.

Надворешната политика ниту сантиметар не се разликува од она што го правеја СДС и ДУИ. Најавите за раскинување на штетните договори не постојат повеќе, а политиката на подреденост кон националистичките политики на нашите соседи продолжува. Напредок кон ЕУ по ниту еден параметар нема, додека спроведувањето на договорите обврзувачки кон Македонија не прекинува.

Кумулативно погледнато, државата останува во владеење на малкумина, клиентелизмот и коруптивноста остануваат најголеми општествени проблеми кои го гушат државниот апарат, додека политиката е целосно насочено кон интересите на богатите, кои не можат да ја дочекат распределбата на најавената милијарда задолжување, додека работничката класа, останува таа која на свои плеќи го носи товарот на лошо управуваниот систем.

ПП Левица

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Остани поврзан