Левин: ИДФ да му го одземе воениот чин на лидерот на демократите Голан по изјавата дека Израел убива деца во Газа „како од хоби“
- Израелскиот министер за правда Јарив Левин ги повика Израелските одбранбени сили (ИДФ) да му го одземат воениот чин на демократскиот лидер Јаир Голан по неговата изјава утрово дека Израел убива деца во Газа „како од хоби“.
Тел Авив, 20 мај 2025 (МИА) - Израелскиот министер за правда Јарив Левин ги повика Израелските одбранбени сили (ИДФ) да му го одземат воениот чин на лидерот на опозициските демократи Јаир Голан по неговата изјава утрово дека Израел убива деца во Газа „како од хоби“.
„Ужасните работи што ги кажа Јаир Голан утрово се гнасна и монструозна лага за крвна вина, идеја на најголемите противници на Израел“, наведе Левин во соопштение, оценувајќи ја неговата изјава „невиден пад за Лабуристичката партија“, објави „Тајмс оф Израел“.
Според него, ова е и време на искушенија за армиските команданти.
„Секој што шири такви лаги за војниците на ИДФ повеќе не може да го држи чинот генерал. Одземањето на чинот е најмалку што може да се направи за да се избришат клеветите што се упатени кон нашите најблиски кои моментално се борат на бојното поле за да ги ослободат заложниците и да ги победат нашите непријатели“, нагласи Левин. рп/
Фото: ЕПА