• вторник, 05 ноември 2024

Лами на прва средба со Бербок : Новата влада сака да ги ресетира односите меѓу ОК и ЕУ, но не бара да се вратиме во Унијата

Лами на прва средба со Бербок : Новата влада сака да ги ресетира односите меѓу ОК и ЕУ, но не бара да се вратиме во Унијата

Берлин, 7 јули 2024 (МИА)  - Новиот шеф на британската дипломатија, Дејвид Лами, веднаш по назначувањето на функцијата, денеска го посети Берлин каде разговараше со својата германска колешка, министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, по што мрежата Х објави дека новата лабуристичка Влада на Велика Британија сака ресетирање на односите со ЕУ, но не бара Велика Британија повторно да се врати во Унијата.

„Време е да ги ресетираме нашите односи со нашите европски пријатели и сојузници. Затоа сум во Германија, на мојата прва посета како британски министер за надворешни работи. Заедно со Аналена Бербок ќе се справувам со заедничките закани и ќе ја поддржам Украина“, напиша Лами на мрежата X.

Лами изјави дека Велика Британија нема повторно да се приклучи на единствениот пазар или на царинската унија, но дека заедно многу може да направат.

По средбата со британскиот колега Бербок изјави дека Обединетото Кралство е близок партнер и пријател на Германија и ја истакна подготовката на самитот на НАТО како тема на соработка со Велика Британија, со цел зајакнување на европската одбрана, пренесе порталот Тагешау.

-Покрај тоа, ние мора да работиме заедно на меѓународната климатска политика и да се обидеме да го смириме конфликтот на Блискиот Исток со решение со две држави, Израелци и Палестинци, рече Бурбок.

Според неа, Германија со новата британска Влада испитува „како Обединетото Кралство може повторно да се доближи до ЕУ“, пред се во областите на науката, културата и безбедноста.

Во меѓувреме, портпаролот на германската Влада, Штефен Хебстрајт, објави дека германскиот канцелар Олаф Шолц и новиот британски премиер Кир Стармер разговарале телефонски и се согласиле дека односите на Велика Британија со европските земји се од особено значење.

 -Изразена е взаемна согласност забрзано да се работи на натамошно продлабочување на соработката меѓу двете влади, рече Хебстрајт.сд/

Остани поврзан