Лажни пораки за наводни сторени сообраќајни прекршоци за возачи од Охрид
- Полицијата апелира на внимателност, лицата добиените пораки и линкови да не ги отвораат, да не го контактираат испраќачот, да не споделуваат лични податоци и да не вршат уплата на парични средства.
Охрид, 11 март 2026 (МИА) – Секторот за внатрешни работи од Охрид информира за зачестени доставени пријави од граѓани за добиени СМС-пораки со известувања за евиндентирани сообраќајни прекршоци.
Според полицијата, граѓани добивале пораки на нивните мобилни телефони, наводно испратени од Одделението за моторни возила при МВР со известување за безбеден град дека нивното патничко моторно возило било евидентирано за сообраќаен прекршок.
Притоа, на лицата им биле давани насоки на која електронска адреса можело да се видат деталите за наводниот прекршок, со повик да ја платат казната во рок од осум дена за истата да биде намалена за 50 проценти.
Оттаму од СВР – Охрид се известуват граѓаните дека станува збор за лажни пораки што се класичен обид за измама со цел противправно стекнување парични средства.
Полицијата апелира на внимателност, лицата добиените пораки и линкови да не ги отвораат, да не го контактираат испраќачот, да не споделуваат лични податоци и да не вршат уплата на парични средства. аб/
Фото: МИА архива