• петок, 05 декември 2025

Лавров: БиХ да се подготви за непријатни прашања во СБ на ОН

Лавров: БиХ да се подготви за непријатни прашања во СБ на ОН

Москва, 9 септември 2025 (МИА) – Министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров денеска изјави дека Русија го смета за недозволиво надворешното мешање во внатрешните работи на БиХ, а особено ги осудува „обидите за измислени кривични дела со цел да се отстрани од власт законски избраниот и легитимен претседател на Српска, Милорад Додик, кој е непријатен за Западот, а пријател на Русија“.

Лавров наведе дека денеска во Москва со Додик заклучиле дека е неопходно да се сочуваат сите принципи на Дејтонскиот договор и констатирале дека „Западот сè побезобразно ги крши тие принципи“.

- Нивните деструктивни намери се сè поочигледни и тие особено и не се трудат да ги кријат – сакаат да добијат неподелена контрола врз БиХ, да ги лишат Србите од правата гарантирани со Дејтон, да се обидат да ја претворат земјата во унитарна држава со послушна власт, изјави Лавров на прес-конференција по разговорите со Додик.

Според него, тоа довело до најостра политичка криза во последните 30 години која ја вовлекува во дестабилизација целата балканска област. Тие обиди за деградација, како што рече, продолжува да ги спроведува германскиот државјанин Кристијан Шмит, кој се претставува како висок претставник во БиХ, а кој не бил именуван од Советот за безбедност на ОН.

Лавров истакна дека Србите, Хрватите и Бошњаците во БиХ треба сами да ги решаваат своите процеси и да носат решенија со заемна согласност, и порача дека Русија, како еден од гарантите на Дејтонскиот договор, ќе продолжи да дава поддршка на тој договор и на оние сили што се борат за зачувување на неговите принципи. Тој додаде дека на тоа ќе му посвети особено внимание во октомври кога Русија ќе претседава со Советот за безбедност.

Лавров порача дека е тешко да се замисли во нормална држава претседателот на Република Српска Милорад Додик да извршил кривично дело затоа што не ги исполнува одлуките на Кристијан Шмит, и истакна дека на седницата на Советот за безбедност на ОН во октомври БиХ ќе мора да се подготви за непријатни прашања.

- На Шмит активно му помага Уставниот суд на БиХ, кој е под контрола на ЕУ и не им дозволува на народите во БиХ да си ги решаваат своите проблеми, изјави Лавров на прес-конференција во Москва по средбата со Додик, пренесе Срна.

Лавров рече дека Русија е еден од гарантите на Дејтонскиот договор и ќе продолжи да го поддржува тој најзначаен документ.

- Тоа детално ќе го подготвиме за Советот за безбедност во октомври, кога Русија ќе претседава, и БиХ ќе мора да се подготви за непријатни прашања, истакна Лавров.

Сергеј Лавров изјави дека Западот ги турка Бошњаците во БиХ на погрешен пат, односно во уривање на Дејтонскиот мировен договор.

- Наместо овој договор да се почитува, Западот ги турка Бошњаците во конфликт со Србите и Хрватите, рече Лавров пред новинарите во Москва. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан