• недела, 09 март 2025

Лабиб: Родовата еднаквост е природна како и воздухот што го дишеме 

Лабиб: Родовата еднаквост е природна како и воздухот што го дишеме 

Брисел, 7 март 2025 (МИА) - Во Европската Унија се наоѓаат некои од родово најрамноправните општества во светот, со што таа се наметнува како глобален репер за родовата еднаквост, порача еврокомесарката за еднаквост, подготвеност и справување со кризи Хаџа Лабиб на денешната презентација на Патоказот на Европската комисија за правата на жените и на Извештајот за родова еднаквост за 2025 година. 

- Родовата еднаквост не е предмет на дебата. Таа треба да биде природна, како и воздухот што го дишеме. Таа е во сржта на нашиот европски начин на живот, рече Лабиб при промоцијата на двата документи во пресрет на Меѓународниот ден на жената - 8 март. 

Лабиб нагласи дека Патоказот за правата на жените е водилка за ЕУ и визија за свет во кој жените и девојките ќе можат да раководат, да напредуваат и да го користат целиот свој потенцијал, без насилство и дискриминација. 

Патоказот е замислен како алатка за спроведување на агендата на ЕУ за родова еднаквост и содржи долгорочна политичка визија за унапредување на правата на жените, надоврзувајќи се на напредок постигнат со Стратегијата за родова еднаквост 2020-2025 година.  

- Во изминатите пет години, ЕУ постигна историски напредок со правилата за транспарентноста на платите, рамнотежа помеѓу работата и животот, еднаква одговорноста за грижа (за семејството), полова рамноправност во одборите на компаниите и за борбата против насилството врз жените, рече Лабиб. 

Според неа, со овој Патоказ, ЕК ја потврдува својата заложба за зајакнување на положбата на жените и девојките и за изградба на целосно родово рамноправни општества низ Европа и светот. Во врска со промоцијата на Патоказот, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен истакна дека нема причина жената да биде помалку платена од мажот, да ужива пониски здравствени стандарди или да се соочува со насилство, само поради нејзиниот пол.  

- Знаеме дека општествата каде жените и мажите се третираат рамноправно се подобри, поправедни и поуспешни. Затоа, дозволете ни да го искористиме огромниот резервоар на таленти и вештини на сите - и мажи и жени. Денешниот Патоказ ја покажува нашата силна посветеност да продолжиме да градиме Европска Унија за родова еднаквост и права на жените, порача Фон дер Лајен. 

Според податоците во Извештајот за родова еднаквост за 2025 година, секоја трета жена во ЕУ доживеала некаква форма на физичко или сексуално насилство или двете.  

Дополнително, јазот во вработеноста и во платите меѓу мажите и жените во ЕУ се намалува со бавно темпо, при што припадничките на понежниот пол се побројни на послабо платени работни места, а недоволно застапени на позиции каде се носат одлуки.  

Извештајот, исто така, покажува и дека во ЕУ и натаму опстојуваат насилството врз жените, дискриминаторските норми и родовите стереотипи. 

За да одговори на ваквите состојба и да се справи со структурните дискриминаторски норми и стереотипи во европските општества, ЕК го предлага Патоказот за правата на жените, чија цел е справување со родово базираното насилство, преку борба против сите форми на насилство врз жените и девојчињата, вклучително и сексуалното, и обезбедување поддршка и заштита за жртвите на ова насилство. 

Патоказот промовира и обезбедување највисоки здравствени стандарди за жените, рамнотежа помеѓу работата и животот и споделувањето на одговорностите за грижата за семејството, родова рамноправност во платите и пензиите, еднакви можности за вработување и соодветни услови за работа, квалитетно и инклузивно образование, поголемо политичко учество на жените и еднаква застапеност на сите нивоа во јавниот и политичкиот живот и создавање институционални механизми за гарантирање на правата на жените. 

Комисијата воедно ги повикува Европскиот парламент, Советот на ЕУ, земјите членки и другите институции и засегнати страни да се обединат околу Патоказот и да предложат активности во рамките на нивните надлежности, со цел оваа посветеност на правата на жените ширум ЕУ да се претвори во реалност. сп/

Фото: ЕПА/ЕК

Остани поврзан