• четврток, 09 мај 2024

КЈП „Водовод“ од Кочани го укина надоместокот за солидарни погребни услуги

КЈП „Водовод“ од Кочани го укина надоместокот за солидарни погребни услуги

Кочани, 18 октомври 2023 (МИА) – КЈП „Водовод“ од Кочани ја прекинува наплатата на надоместокот за солидарни погребни услуги, откако Управниот одбор на претпријатието донесе одлука да се раскине анексот на договорите што беа склучувани со граѓаните.

Одлуката ќе почне да се применува со фактурите за октомври, а во крајната сума што треба да ја платат корисниците на комунални услуги ќе биде отстранет износот од 100 денари, колку што секој месец се наплаќаше ставката за таканаречен солидарен погреб.

Во одлуката што ја донесе Управниот одбор е утврден и начинот на исполнување на обврските кон граѓаните кои склучиле анекс кон основниот договор за погребни услуги, а сè уште не го искористиле ова право.

-„Водовод“ презема обврска на сите корисници да им издаде потврда за износот уплатен од нивна страна, а средствата ќе им бидат исплатени во моментот кога ќе имаат потреба од погребна услуга. Паричните средства ќе бидат префрлени на трансакциска сметка на носителот на склучениот договор или на потесен член на семејството. Исто така, се дава и можност, по писмено барање на корисникот, уплатените парични средства да бидат компензирани со долг по фактури за комунални услуги што корисникот ги има кон комуналното претпријатие, се нагласува во известувањето од комуналното претпријатие од Кочани.

КЈП „Водовод“ ги информира граѓаните дека ако се одлучат за кој било од начините за обештетување, потребно е да поднесат писмено барање во Центарот за односи со корисници на претпријатието. та/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан