• четврток, 26 декември 2024

Куче скитник нападна дете во Тетово, граѓаните алармираат на глутниците и опасноста по здравјето и животот

Куче скитник нападна дете во Тетово, граѓаните алармираат на глутниците и опасноста по здравјето и животот

Тетово, 3 мај 2023 (МИА) - Во тетовската полиција 42 годишна жена вчера пријавила дека на улица „Димо Гавровски-Кара“ нејзиниот малолетен син бил каснат од куче скитник.

Оваа пријава за повредени луѓе од кучиња скитници е само дел од состојбата за која секојдневно алармираат тетовци преку социјалните мрежи, а особено вчера кога се појавија фотографии и видеа на кои се гледаат невообичаено големи глутници на 15-тина бездомни кучиња во центарот на градот.

Од Општина Тетово тврдат дека бездомните кучиња се носат од другите градови и затоа има големи глутници.

- Она што загрижува е што секојдневно се носат и по повеќе од 20 кучиња од други населени места во Тетово. Нашите екипи ги следат овие прекршители, но не е едноставно да се пресретнат на лице место и да се регистрираат таблиците на возилата што ги носат кучињата. Се работи за проблем, кој не е сериозно третиран со години и со кој се соочува цела држава. Бараме трпение од граѓаните, но и помош, доколку забележат случаи на истовар на бездомни кучиња од други места во нашиот град, да пријават, се вели во соопштението од Канцеларија за комуникации и односи со јавноста.

На прашањето како се третираат бездомните кучиња откако лани беше постигнат времен договор со здружение за заштита на животни, од канцеларијата објаснуваат дека соработката резултирала со заловување на одреден број од овие животни.

- Првичниот договор со Амос шелтер беше да се заловат 82 бездомни кучиња. Досега се спроведени две акции за заловување. Во првата се заловени 41 куче, во втората која заврши пред неколку дена исто 41 бездомно куче, со што се испочитува првичниот договор. За понатамошните акции и соработки на здружението со Општина Тетово дополнително ќе се разговара, велат од Општина Тетово.

Низ државата различни се состојбите со справување со кучињата скитници. Во Гостивар во тек е распишан тендер за заловување и третман на кучиња. Операторот треба да го одржува и стационарот. Во Штип има ветеринарен оператор избран на тендер, секоја седмица заедно со активисти и од општината ги заловуваат кучињата. Ова решение е постигнато по реакција на активистите и се применува од минатата година. ас/цр

Фото: МИА 
 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан