• вторник, 05 ноември 2024

Кучето на Бајден однесено од Белата куќа по серија инциденти со гризање 

Кучето на Бајден однесено од Белата куќа по серија инциденти со гризање 

Вашингтон, 5 октомври 2023 (МИА) - Кучето на американскиот претседател Џо Бајден, германскиот овчар Командер „не е повеќе присутно во кампусот на Белата куќа“, по серија инциденти со гризнување на вработени и офицери на тајната служба, изјави портпаролката на првата дама Џил Бајден.  

Елизабет Александер, директорка за комуникации на првата дама, изјави дека Бајден и неговата сопруга „длабоко се грижат за безбедноста на вработените во Белата куќа и оние кои нив ги заштитуваат секој ден“.  

Таа рече дека „Белата куќа може да биде стресна околина за домашните миленичиња“ и дека Бајден продолжува да „му помага на Командер да се справи со непредвидливата природа на тлото на Белата куќа“. Од службата не наведоа каде е однесено кучето. 

Изјавата доаѓа откако портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, беше прашана за најновите наводи дека двегодишниот германски овчар повторно гризнал агент на тајната служба. Таа ги упати новинарите до службата на првата дама. 

Командер досега многупати нападнал вработени во Белата куќа. 

Во последниот инцидент што се случил на 25 септември униформиран офицер на тајната служба бил гризнат во Белата куќа по што му била укажана прва помош од лекарскиот персонал.  

Од октомври 2022 досега Командер гризнал или нападнал персонал од тајната служба најмалку десет пати, вклучувајќи и инцидент со повреда по што службеникот морал да оди во болница, според записи од Министерството за домашна безбедност. 

Командер е второ куче на Бајден во Белата куќа, првото, Мејџор, исто така било однесено поради инциденти со гризање и агресивно однесување. Мејџор бил даден да живее кај пријатели на Бајденови во Делавер. кб/паг/ 

Фото: МИА архива

Остани поврзан