• петок, 27 декември 2024

Курц: Постигнавме добар резултат за ЕУ ​​и Австрија

Курц: Постигнавме добар резултат за ЕУ ​​и Австрија
Виена, 21 јули 2020 (МИА) - Австрискиот канцелар Себастијан Курц е задоволен од исходот на Самитот на ЕУ за повеќегодишниот буџет на Унијата и фондот за обнова по кризата со коронавирусот, што тој го оценува како добар резултат за ЕУ ​​и Австрија. - Јас сум крајно задоволен од содржината на договорот. Постигнавме добар резултат за ЕУ ​​и добар резултат за Австрија, истакна Курц. Тој додаде дека е постигнат договор за финансиската рамка и за „соодветната реакција на корона-кризата“. Австрија и „штедливите земји“ (Холандија, Шведска и Данска) дојдоа во конфликт со германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, кои бараа повеќе средства, безусловно, за земјите членки кои се тешко погодени од актуелната криза. Курц вели дека силната соработка на „штедливите држави“ довела до исполнување на нивните бројни барања. Како пример, Курц ги наведе редимензионирањето на буџетот на ЕУ во однос на првиот нацрт, инвестициите во иднина и временски ограничениот фонд за обнова. Тој нагласи дека е договорено фондот да биде само еднократен инструмент, а не почеток на заедничко задолжување или должничка унија. Курц објасни дека е договорено средствата од Фондот првенствено да се користат за инвестиции во заштитата на животната средина, дигитализацијата и реформите. - Обезбедена е и контрола врз користењето на средствата по многу строги механизми. Во случај на сомневање за неправилна употреба, плаќањата може веднаш да се прекинат, рече Курц. Тој се пофали и со „попустот“ што го доби Австрија, односно се зголеми од 137 милиони на 565 милиони годишно. - Сè на сè, постигнатиот договор е пакет со кој можеме да бидеме многу задоволни во Австрија, рече Курц. Лидерите на ЕУ, по неколкудневни маратонски преговори, рано утрово постигнаа договор за повеќегодишниот заеднички буџет и фондот за закрепнување. Вкупниот износ на пакетот за закрепнување е 1.824 милијарди евра, од кои 1.074 милијарди се во рамките на заедничкиот буџет за периодот од 2021 до 2027 година. Фондот за закрепнување на ЕУ изнесува 750 милијарди евра, а се состои од 390 милијарди неповратна помош и 360 милијарди заеми. Овој фонд ќе биде финансиран со заедничко задолжување на ЕУ на светските пазари на капитал, а рокот за отплата на заемот е крајот на 2058 година. паг/

Остани поврзан