• недела, 22 декември 2024

Курти со Саразини: Кога во регионот се туркаа паралелни платформи, Косово целосно се ангажира во Берлинскиот процес

Курти со Саразини: Кога во регионот се туркаа паралелни платформи, Косово целосно се ангажира во Берлинскиот процес

Приштина, 30 август 2024 (МИА) – Косовскиот премиер Албин Курти објави дека на средбата во четвртокот со специјалниот претставник на Германија за Западен Балкан, Мануел Саразин, истакнал дека во времето кога во регионот се туркаа паралелни платформи, како Отворен Балкан, Косово беше целосно ангажирано во Берлинскиот процес, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението од владината служба за информирање се наведува дека Курти на средбата со Саразин побарал зајакнување на Берлинскиот процес како платформа која бара еднаквост и го забрзува членството во ЕУ.

„Премиерот истакна дека во времето кога се туркаа други паралелни платформи во регионот, Косово целосно се ангажира во Берлинскиот процес, барајќи негово повторно енергизирање и зајакнување како платформа која нуди еднаквост и го забрзува процесот на членство во Европската унија за земјите кои сакаат да станат нејзини членки“, се наведува во соопштението.

На средбата, исто така, е нагласена важноста да се постигнат не само нови договори пред следниот самит, туку и да се обезбеди имплементација на договорите кои се веќе потпишани.

Саразин вчера во Приштина, освен со Курти, се сретна и со претседателката Вјоса Османи и со лидерите на најголемите опозициски парламентарни партии, Мемли Красниќи од Демократската партија на Косово и Љумир Абдиџику од Демократскиот сојуз на Косово.

На крајот од престојот во Приштина, германскиот претставник за регионот синоќа изјави дека причина за неговата посета на Косово е подготовката за самитот на Берлинскиот процес, што ќе се одржи во октомври во Германија и дека за истата цел ќе посети и други земји од регионот.

Саразин рече дека идејата е да се внесе регионот на Западен Балкан во Европската унија и порача дека за тоа се потребни конкретни резултати, но нагласи дека загрижено го напушта Косово, во отсуство на резултати во однос на Берлинскиот процес и предупреди на можноста да нема позитивно движење до 14 октомври, кога ќе се одржи самитот во Германија.

Остани поврзан