• среда, 15 јануари 2025

Курти: Отворањето на мостот во Митровица не е против никого

Курти: Отворањето на мостот во Митровица не е против никого

Приштина, 14 август 2024 (МИА) – Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека отворањето на мостот на Ибар во Митровица, кој го дели градот на јужен дел, населен со мнозинство Албанци, и северен, со мнозинство Срби, не е против никого, а најмалку против партнерите на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

На почетокот на денешната седница на косовската Влада, Курти рече дека Косово е нормална држава и дека како таква треба да има и нормални – отворени мостови.

- Со командантот на КФОР (генерал Озкан Улуташ) синоќа разговаравме за отворањето на мостот на Ибар, што сметаме дека е праведна, потребна и корисна работа за сите. Ги примивме прелиминарните извештаи за процената на стабилноста на мостот, релевантните резултати кои вчера веднаш ги споделивме со командантот на КФОР и неговиот тим во духот на постојани консултации и координација, истакна Курти.

Тој рече дека тој и Владата се убедени оти „слободата на движење и владеењето на правото од една страна и мирот и безбедноста од друга страна се можни заедно и се потребни за земјата, општеството и државата, граѓаните и заедниците“.

- Ќе продолжиме со дискусиите и координациите со нашите партнери. Отворањето на мостот не е против никого, а најмалку против нашите партнери. Косово е нормална држава и неговите мостови треба да бидат нормални, што значи отворени, рече Курти.

Меѓународните партнери го критикуваа Косово, опишувајќи го планот за отворање на мостот во поделениот косовски град како „еднострано и некоординирано дејствување“. Мисијата на НАТО во Косово, КФОР, исто така порача дека секоја одлука за отворање на мостот треба да се донесе во дијалог.

Вчера американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер изјави дека постои опасност од отворањето на мостот во Митровица во овој момент. Според Ховениер, тоа може да влијае на безбедноста на војниците на НАТО, вклучително и на американските. иа/ми/

Остани поврзан