• петок, 20 јуни 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Кумановци поднесоа петиција до Советот за ослободување на тротарите

Кумановци поднесоа петиција до Советот за ослободување на тротарите

Куманово, 17 април 2025 (МИА) - Граѓани на Куманово поднесоа петиција до Советот на Општината, барајќи итно ослободување на тротоарите од непрописно паркирани возила, соопшти денеска претседателката на советот, Ивана Ѓорѓиевска. Таа нагласува дека досега не е разгледана, но советниците се информирани.

- Треба да се размислува за понатамошни чекори, но во претходна координација во рамки на Советот со координаторите, а потоа и останатите инволвирани институции и постепено да се регулираат паркинзите во Куманово, рече Ѓорѓиевска.

Ѓорѓиевска вели дека нејзин личен став е постепено да се исцртуваат зоните, да се обезбедат услови граѓаните да ги паркираат автомобилите. Во петицијата не се наведени локации, туку се бара отстранување на возилата. Проблем е што дел од зградите, градени во седумдесеттите, осумдесеттите години немале на понуда паркинг. По извесен период се менувале ДУП-овите и изградени се други објекти, па и згради. Паркинг простор воопшто и да нема. Таков е случајот со улицата „Доне Божинов“ каде тамошните станари немаат простор за паркинг.

Ѓорѓиевска нагалсува дека и во поширокиот опфат и вон централното градско подрачје дел од граѓаните не ги користат гаражите, туку го оставаат возилото на тротоарите.

- Повторно се залагам за постепено решавање на проблемот, еднаш мора да се пресече и да се воведат зоните „Б“ и „Ц“, зашто ни треба поддршка од инспекцијата за да се отстранат некои дивоизградени објекти, гаражи. Треба да се реализира постапката парцела по парцела, изјави Ѓорѓиевска.

Ѓорѓиевска потсети дека во тек е акција за дислокација на хаварисани возила и ги повика граѓаните бесплатно да го отстранат возилото.

За акцијата на улица „Доне Божинов“ информираа и од СВР Куманово.

- Ве известуваме дека возилата од улицата „Доне Божинов“ се подигнати од страна на пајак служба поради поплаки од страна на граѓаните за попречување на нормално движење на пешаците. Подолг временски период е констатирано дека наведеното место е небезбедно за пешаците, бидејќи истите не можат да се движат по тротоарите со што се доведува до отежнато одвивање на сообраќајот, соопштија од кумановската полиција.

Во Куманово имаше неколку безуспешни обиди за исцртување на „Б“ зона на „Октомвриска револуција“. Граѓаните бараа само резидентното население да се паркира, но и понудената цена не одговараше. ам/цр


Фото: МИА

Остани поврзан