• четврток, 26 март 2026

Кумановските ученици сè повеќе бираат стручно образование

Кумановските ученици сè повеќе бираат стручно образование

Куманово, 15 мај 2025 (МИА) - Кумановските ученици сè повеќе бираат стручно образование, покажуваат податоците на Секторот за образование од Општина Куманово. Надлежните сметаат дека интересот се должи на кампањата на ресорното министерство „Учи паметно, работи стручно“, но и на потребите на бизнис заедницата, зголемените можности за вработување веднаш по завршувањето на образованието и потребата на пазарот на труд од висококвалификувани кадри.

- Реализиравме и „Социјален дијалог“ на барање на Министерството, беа поканети претставници од бизнис заедницата. Недостасуваат бројни кадри, побарувачката е голема. Негативно влијае и миграцијата кон западноевропските земји. Ќе направиме сè во однос на подобрување на условите, за да учениците останат тука. Ги повикувам сите да одберат она што ги привлекува, согласно поените, изјави раководителот на секторот за образование, Александар Јовановиќ.

Средното стручно училишта „Наце Буѓони“ е едно од најголемите стручни училишта во државата, продуцира кадри неопходни за развој на локалната заедница и на ниво на Македонија, има скоро 2.000 ученици на македонски и албански наставен јазик.

Директорот Драган Јаневски рече дека вовеле нова насока, техничар за возила на алтернативен обем.

- Соработуваме со Дрекселмаер, отворени се разговори со ЕВН, ОКТА, крупни гиганти кои имаат интерес, а и ние како училиште, изјави Јаневски.

Во учебната 2025/2026 година, според конкурсот на Министерството за образование и наука (МОН), во шесте средни училишта од кои пет во Куманово и едно во Липково слободни места има за 2.078 ученици.

Во гимназијата „Гоце Делчев“ во Куманово се предвидени 306 слободни места за општо гимназиско образование. Новина е воведувањето на билингвална паралелка со настава на македонски и англиски јазик, поради зголемен интерес од страна на учениците.

Во „Сами Фрашери“ има 238 места за настава на албански јазик во седум паралелки. Според критериумот на конкурсот, потребни се најмалку 60 поени од успехот остварен до деветто одделение.

Средното стручно училиште „Перо Наков“ годинава ќе прими 386 ученици. Од нив, 202 ќе следат настава на македонски, а 184 на албански јазик. Учениците можат да изберат насоки од економија, право и трговија, струка за кожа и текстил и графички дизајн.

Техничкото училиште „Наце Буѓони“ останува најголемо во регионот со 637 слободни места, можност за упис има за 297 ученици во девет паралелки на македонски и 340 ученици во десет паралелки на албански јазик. Училиштето нуди машинска, електротехника и информатички технологии, здравство и социјална заштита со повеќе насоки.

Во Регионалниот центар за стручно образование „Киро Бурназ“ се планирани 384 места на македонски и албански наставен јазик. Учениците можат да бираат на повеќе струки и профили од земјоделство, рибарство и ветеринарство, хемија и технологија, лични и други услуги, машинство, сообраќај, транспорт и складирање, здравство и социјална заштита.

Во средните училишта во градот се запишуваат и ученици од соседните општини: Липково, Старо Нагоричане, Ранковце, Кратово и Крива Паланка.

Во средното „Исмет Јашари“ во Липково, можат да се запишат 127 ученика во четири паралелки од кои три гимназиско и една од здравствена струка. Повеќето струки се четиригодишни и некои се реализираат во дуален систем со практична настава во соработка со компании. Минимумот на поени за упис се движи од 30 до 70, во зависност од струката.ам/ар
Фото:МИА

Тагови

в

Остани поврзан