• петок, 05 декември 2025

Куманово чека на почеток на најавените инфраструктурни зафати со поддршка на ЕИБ

Куманово чека на почеток на најавените инфраструктурни зафати со поддршка на ЕИБ

Куманово, 6 мај 2025 (МИА) - Процесот на избор на компании за реконструкцијата на филтер станицата на ЈП „Водовод“ Куманово, изградба на фекална мрежа во населбата „Гладно Поле“ и атмосферска канализација за „Доне Божинов“ не е почнат и е во тек на разгледување на поднесената проектна документација и други документи согласно барањата на Европската инвестициска банка, соопштија денеска од Министерството за животна средина и просторно планирање.

-Средствата од кредитната линија на Европската инвестициска банка се доделуваа од Владата на Република Северна Македонија преку Министерството за животна средина и просторно планирање и се наменети за подобрување на водната инфраструктура во сите општини во државата. За општина Куманово, Владата одобри сума од приближно два милиона евра. За искористување на средствата секоја од општините аплицира со согласно приоритетите на општината. Процесот е обемен и подразбира поднесување на проекти и проектна документација, нивно разгледување и одобрување од страна на консултантскиот тим кој работи на проектот и експертите ангажирани од ЕИБ. Овој процес важи за секоја општина и одзема околу шест месеци. Отпочнувањето на градежните работи на проектите во Куманово зависи од динамиката на поднесување на проектната документација и другите документи согласно барањата на ЕИБ. За поднесените проекти од страна на општина Куманово, во тек е разгледувањето на поднесената проектна документација и постапување по забелешките, соопштија од Министерството.

Претходно, од Општина Куманово информираа дека аплицирале за комплетна реконструкција на филтер станица за преработка на вода за пиење во вредност од 1.273. 181 евро, атмосферска канализација од „Доне Божинов“ од населба Карпош кон река Којнарка кој чини 432.726 евра и фекална канализациска мрежа на неколку улици во населба „Гладно Поле“ со вредност 260.811. Вкупната вредност на проектите е 1.966 720 за три проекти, одобрени се 1.8 милиони евра. Останатите средства треба да ги обезбеди општината, за што е донесена е одлука од советот и од градоначалникот.

Од Министерството велат дека почетокот на градежните работи во Општина Куманово зависи од динамиката и квалитетот на поднесената документација, додавајќи дека од почетокот на градежните работи до нивно завршување проектите во просек траат од една до две години во зависност од обемот и сложеноста на проектот.

- Со реализација на овие проекти, директно ќе се влијае на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, ќе се подобри водоснабдувањето, а истовремено ќе се заштити и животната средина. Станува збор за проект со кој ќе се намалат трошоци за електрична енергија, ќе се намалат загубите во процесот на производството на вода и самиот процес на производство ќе биде поквалитетен и побезбеден, изјави директорот на ЈП „Водовод“, Оливер Стојмановски.

За да се обезбеди транспарентност и контрола на трошењето на средствата, ќе бидат вклучени изведувачи, надзор, одговорни лица од Министерството за животна средина и просторно планирање и од Општина Куманово.

-За реализација на кој било проект од оваа кредитна линија, се избира изведувач на проектот, надзор, одговорно лице од Министерство за животна средина и просторно планирање и одговорно лице од општината. Исплатата на средствата се врши согласно доставените градежни ситуации кои се проверуваат од страна на надзор и се доставуваат до банката на одобрување. Министерството за животна средина и просторно планирање има формирано проектен тим кој е во постојана координација со општините. Целта е олеснување и забрзување на проектниот циклус од аплицирање до реализација. Побрзата имплеметација е во интерес на сите. Тимот е секогаш достапен за одговорните лица од општините и пружа логистичка и стручна помош во докомплетирање на проектната документација и другата документација согласно барањата на ЕИБ, велат од Министерството. ам/фф/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан