• четврток, 26 март 2026

Куманово, продолжува да се менува, отчет на градоначалникот Максим Димитриевски

Куманово, продолжува да се менува, отчет на градоначалникот Максим Димитриевски

Куманово, 5 септември 2025 (МИА) - Куманово продолжува да се менува, последните четири години се реализираа бројни проекти со кои Куманово стана побезбеден, почист, поурбанизиран, попристапен град за жителите, рече на денешниот отчет кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски. Пред присутните претставници на Владата, пратеници, претставници од државни и општински институции, Димитриевски кажа дека никој не е безгрешен и е свесен дека треба да се работи уште-за Куманово да стане модерен европски град. Во обраќањето кажа дека има видливи проекти, конкретни дела, инфраструктурни зафати, јавен превоз, засадени дрвја, реконструирани улици, училишта. За него, како што кажа најомилен дел му е сплотеноста на кумановци кои во 2019-та на градскиот плоштад по повод пет века Куманово, триесет илјади кумановци од различни етнички заедници покажале соживот и сполетност.

-На младите им порачувам да ја бараат вистината во фактите, кажа Димитриевски.

Отчет рече го темели на три столба – напорна работа, конкретни и видливи резултати и искрен човечки пристап кон сите и за сите. Димитриевски се осврна на бесплатен јавен превоз за сите граѓани, на сите линии и низ целата, враќање на сјајот на објекти и локалитети, симбол на градскиот живот. Тој потсети на реконструираната спортска сала по европски стандардни, на Соколана и Соколанскиот парк, катче за сите генерации, реконструкција на плоштадот, урбаната опрема.

- Срамота е во 21 век да има места без основна инфраструктура и токму затоа еден од нашите главни фокуси беше инфраструктурна. Бројките се сојузник на вредните, а непријател на мрзливите, па затоа пред вас драги пријатели, ќе ги спомнам најважните, над 13.500 метри атмосферска и фекална канализација, повеќе од 4.800 метри водоводна мрежа, 175.000 метри квадратни асфалтирање и реконструкција на улици и патишта, 78.000 метри квадратни, поставен бекатон, над 2.700 метри гасоводна мрежа, со повеќе од 5 милиони метри кубни дистрибуиран гас до домаќинства и компании, рече Димитриевски.

За време на отчетот, потсети на двата кружни текови, на реконструкцијата на индустриската зона Речица која е двигател на економскиот развој на градот и овозможува нови вработувања, набавка на специјализирани возила за јавните претпријатија, изградени спортски игралишта.

-Младите се нашата иднина. Реализиравме над 140 проекти во образованието, во училиштата каде се образуваат и воспитуваат нашите деца. Инвестиравме во подобрување на енергетската ефикасност, во реконструкција на спортски сали, набавка на нова опрема неопходна за квалитетен образовен процес. Во основните и во средните, во централните и во подрачните затоа што сите деца заслужуваат ист третман и исти услови, рече Димитриевски.

Во однос на животната средина, Димитриевски кажа дека засадени 10.000 садници, расчистени се диви депонии, одржани се преку стотина културни настапи и поддржани се преку 50 спортски клубови.

- Една од последните работи што ќе ги споменам, а е исклучително важна е градењето инклузивно општество, каде секој поединец има еднакви шанси и можности. Една од првите мерки што ги презедовме е отворањето на народна кујна во соработка со Општинскиот училиштен дом професор Мијалковиќ. Секој наш сограѓанин мора да има пристап до оброк. Поддржавме многу проекти, реализирани од граѓански организации, посветени на лицата со попреченост, на ранливите категории граѓани, рече Димитриевски и истакна дека Куманово е транспарентна општина.

За тековните проекти кажа дека сè уште се гради инфраструктура, улици во повеќе населби и во одредени делови од градот и во индустриската зона, во селата, изградба на дистрибутивна гасоводна мрежа, нови тротоари, нови паркинг места, втора фаза на малиот плоштад. Тој се заблагодари и на поддршката на Владата за реализација на бројни инфраструктурни проекти во Куманово. Од вториот владин повик, распишани се постапки за избор на компании.

- Во следниот период ќе следува реализација на 27 капитални инвестиции и реализација на проекти, додаде тој, истакнувајќи дека ваква поддршка од Владата Куманово никогаш немала претходно.

Станува збор за изградба на бројни улици во различни делови од градот, села и приградски населби, изградба на градинка, реконструкција на Дом за стари лица, реконструкција на водоводна мрежа, на атмосфесрка и фекална канализација во некои делови од градот, реконструкција на две училишта „Кочо Рацин“ и „Вера Которка“, локални патишта, доизградба на гасоводна мрежа, изградба на детска градинка во Зелен Рид. Димитриевски потсети дека со поддршка на коалицските партнери започнато е и се очекува да заврши изградбата на новото средно училиште „Сами Фрашери“, после 15 години.

- Овој отчет не е мој – тој е наш, на сите што живеат во нашата општина. Тој е доказ дека заедно, со напорна работа и искрена посветеност може да направи многу. И во едно нешто сум сигурен – Куманово ќе продолжи да се менува, кажа Димитриевски. ам/


Фото МИА

Остани поврзан