• четврток, 05 февруари 2026

Куманово објави јавен повик за членство во локалното собрание за млади

Куманово објави јавен повик за членство во локалното собрание за млади

Куманово, 4 февруари 2026 (МИА) - Иницијативниот одбор за конституирање на Локално собрание на млади на Општина Куманово, денеска објави јавен повик за членство во Локалното собрание на млади. Како што информираа од општината Локалното собрание на млади е тело во кое по двајца членови можат да предложат младинските организации, организации за млади, политички подмладоци, ученички и студентски организации и други форми на младинско организирање и здружување.

- Јавниот повик е отворен за сите младински организации, организации за млади, политички подмладоци, ученички и студентски организации и други форми на младинско организирање и здружување, кои не мора да бидат регистрирани во Општина Куманово, но треба да имаат активности на подрачјето на Куманово, делегатите и замениците да се жители и да се на возраст од 15 до 29 години, информираа од општината.

Мандатот на членовите на Локалното собрание на млади трае две години со право на уште еден избор. За време на конститутивната седница, од редовите на Локалното собрание на млади се избира и изгласува тричлена Комисија, составена од членовите на Локалното собрание на млади, која е одговорна за следење на целокупниот процес на изборот на членови на Локалниот младински совет.

Членовите на Локалното собрание на млади имаат задача да работат на спроведувањето на активностите на Собранието, да учествуваат во подготовка на документи, да изберат членови на Локалниот младински совет (ЛМС). Иницијативниот одбор ја спроведува постапката за избор на членови на Локалното собрание на млади на Општина Куманово, а работата на истото се координира и помага од страна на службеникот за млади во Општина Куманово.

Конкретните цели, задачи и начин на работа на членовите на Локалното собрание на млади се опишани и објаснети во прирачникот за Локални младински совети, донесен од страна на Агенцијата за млади и спорт.

На веб страницата на општината се објавени потребните документи за апликација. Повикот трае до 17 февруари, годинава. ам/вј/

Фото: Општина Куманово

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан