• понеделник, 23 декември 2024

Куманово го донесе првиот ребаланс на буџетот за 2024 година

Куманово го донесе првиот ребаланс на буџетот за 2024 година

Куманово, 8 февруари 2024 (МИА) - Општина Куманово го донесе првиот ребаланс на буџетот за 2024 година, соопштија денеска надлежните од секторот за финансии и од Советот на општината. Зголемен е за околу 55 милиони и 500 илјади денари, информираше денеска раководителката на секторот, Ирена Илиевска.

- Овој ребаланс е направен врз основа на повеќе собрани сопствени приходи на општината во текот на последниот месец на 2023-та. Општината собра повеќе даноци, комунална такса и неданочни приходи коишто се сопствени извори на општината, повеќе отколку она што беше планирано како првично салдо вградено во првичниот буџет. Со собраните средства се проширува и приходна и расходна страна. На приходната се како пренесен вишок на приходи, а на расходната најголем дел, скоро сите се вградени како капитални расходи, наменети за летно одржување на улици, за изградба на нови улици, експропријација набавка на нови машини. Околу 55 милиони и 500 илјади денари се зголемува и приходната и расходната страна на општината. И се продолжува со дефицитарно финансирање, користење на салдото кое не е потрошено од лани и е пренесено за оваа година, изјави Илиевска.

Претседателката на советот, Ивана Ѓорѓиевска рече дека парите собрани од даноци и такси во декември лани ќе се потрошат за развојна програма, изградба на улици, за експропријација, нова машини.

-Средствата се распределени по неколку ставки кои се по барања на граѓаните. Додадени се 11 милиони денари за летно одржување, 30 милиони за изградба на нови улици, десет милиони за експропријација, изјави Ѓорѓиевска.

Според најавите во летно одржување со ребалансот се вметнати девет улици: „Александар Здравковиќ“, „Димитар Влахов“, „Перо Илиевски“, „Ацо Борозански“, „Драгојло Диндиќ“, „Франц Розман“, „Веселин Маслеша“, краци во Лопате и „Железничка“. За нови машини за перење пот притисок ќе с се одвојат 3,6 милиони денари.

- Предвидена е изградба на четири нови улици. Многу е важно спојувањето на булеварот „Октомвриска револуција“ и „Моша Пијаде“, таму има новоизградени згради и граѓаните бараа поврзување, ќе се доврши улицата „100“, улицата „Авној“ во Зелен Рид и пробивање на булевар долу кај автобуската станица и улица во Режановце, кажа Ѓорѓиевска.

Таа рече дека за годинава има рекорден буџет за развој од 194 милиони денари. ам/цр


Фото: МИА архива и Општина Куманово

Остани поврзан