• среда, 01 април 2026

Културна манифестација „Културен импулс: Живот и вредности во Куманово“

Културна манифестација „Културен импулс: Живот и вредности во Куманово“

Куманово, 11 март 2026 (МИА) - Културниот дијалог и интеграцијата на Ромите во Куманово е процес што бара образование, социјална поддршка и институционална соработка, кажаа говорниците на денешата дискусија која се одржа во Занаетчискиот дом во рамки на проектот на „Културен импулс: Живот и вредности на Роми и не-Роми“ кој го организира Националниот Ромски Центар.

Според координаторот на проектот Ашмет Елезовски од НРЦ, иницијативата има за цел да го поттикне културниот дијалог во мултиетничката средина и да отвори простор за подобро разбирање на процесот на ромската интеграција. Тој посочува дека интеграцијата не треба да се гледа како поединечен настан, туку како долгорочен процес кој бара континуирана работа и ангажман на повеќе општествени чинители.

-Проектот ќе започне со информирање на јавноста и активности насочени кон младите ученици и нивните родители. Особено внимание ќе се посвети на историскиот процес и на актуелните текови на ромската интеграција. Сакаме да покажеме дека интеграцијата не е еднократен настан, туку процес кој се развива со текот на времето- вели Елезовски.

Во рамки на проектот се предвидува и соработка со локалните институции, особено во делот на образованието на возрасните.

-Ќе побараме поддршка и од локалната власт за да се вклучи во процесот на образование на возрасни лица. Тоа е важно, особено во контекст на последните случувања со системот „Сејф Сити‘“ кои отворија прашања поврзани со евиденцијата и вклученоста на граѓаните во институционалните процеси- кажа Елезовски.

Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски нагласува дека ромската заедница е составен дел од мултиетничката структура на градот и дека локалната самоуправа се обидува преку различни проекти да придонесе за подобрување на условите за живот и интеграцијата на заедницата.

-Куманово е мултиетничка средина во која Ромите се дел од вкупно десетте етнички заедници. Сметам дека сите граѓани треба да уживаат еднакви права и можности. Локалната самоуправа преку голем број проекти се обидува да придонесе за подобрување на условите и за поголема социјална вклученост- изјави Димитриевски.

Тој посочува дека во последните години се реализирани значајни инфраструктурни инвестиции во делови од градот каде што живее ромската заедница, со цел подобрување на комуналната инфраструктура и условите за живот.

-Во последните години вложивме значителни средства во делови од градот кои претходно беа инфраструктурно запоставени. Се работи на подобрување на водоводната и канализациската мрежа, асфалтирање улици и уредување на јавниот простор- нагласува градоначалникот.

Тој додава дека општината обезбедува и одредени социјални мерки, како субвенциониран јавен превоз и финансиска поддршка за граѓани од социјално ранливи категории, од кои дел се и припадници на ромската заедница.

-Сметам дека за суштински напредок е потребно и поголемо ниво на финансиска децентрализација, бидејќи локалните власти подобро ги препознаваат потребите на граѓаните и можат поефикасно да ги насочат средствата, вели Димитриевски.

Паралелно со институционалните активности, значајна улога во процесот на интеграција имаат и граѓанските организации. Дилбера Камберовска, претседателка на ромската женска организација „Даја“, посочува дека организацијата повеќе од три децении работи на еманципација на жената Ромка и на подобрување на образованието кај ромската популација.

Нашата организација постои од 1993 година и е прва ромска женска организација не само во Македонија, туку и на Балканот. Од самиот почеток работиме на еманципација на жената Ромка и на образованието кај ромската популација, бидејќи веруваме дека овие два процеса мора да одат паралелно- вели Камберовска.

Таа посочува дека во минатото положбата на жената Ромка била значително ограничена од традиционалните норми, што ја правело една од најранливите категории во заедницата.

-Жената Ромка долго време беше во незавидна положба, често последна и во семејството и во општеството. Затоа беше важно да се работи и со жените и со мажите во заедницата, за да се подигне свеста за значењето на образованието и еднаквоста- вели Камберовска.

Таа вели дека резултатите од долгогодишната работа се веќе видливи, особено во образованието, голем дел од девојчињата Ромки веќе имаат завршено факултет, а огоремн процент средно образование, но и нагласи дека се уште има исклучително ранлива категорија која не може да се вклопи во образованиот процес.

Во мултиетничка средина како Куманово, ваквите иницијативи се гледаат како важен чекор кон зајакнување на меѓуетничката соработка и создавање услови за подеднакви можности за сите граѓани.Активностите во рамки на проектот „Културен импулс: Живот и вредности на Роми и не-Роми“ почнаа во март со официјално информирање на јавноста, при што главен фокус ќе биде ставен на младите ученици од основните и средните училишта во Куманово и нивните родители. ам/дма/

Фото: МИА и општина Куманово

Тагови

Остани поврзан