• недела, 22 декември 2024

Кулеба: Западот да влијае врз ограничувањето на производството на руско оружје

Кулеба: Западот да влијае врз ограничувањето на производството на руско оружје

Киев, 19 јануари 2024 (МИА) – Шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба, денеска го повика Западот да стори повеќе за да го намали производството на оружје во Русија, изјавувајќи дека западните компании произведуваат 95 отсто од „странските критични компоненти“ што се користат за руското оружје.

„Западот мора сериозно да почне да го ограничува рускиот капацитет за производство на оружје“, напиша Кулеба на социјалната мрежа Х.

Тој додаде дека „според некои податоци, 95 отсто од странските критични компоненти пронајдени во руското оружје уништено во Украина потекнуваат од западните земји“.

Кулеба посебно го потенцираше вниманието врз улогата на „приватните компании“ што извезуваат во Русија, изјавувајќи дека тоа не се нужно воени производи, туку и цивилни или производи со двојна намена.

Според него, на Украина би и требала „помалку воена помош“ доколку западните земји сторат сè за да ги отстранат „недостатоците“ во системот на санкции што на Москва и ги воведоа САД и Европската унија.

Русија целосно ја преориентира својата економија кон индустријата за оружје и го зголеми производството, и покрај санкциите што требаше да влијаат на нејзиното намалување.

Москва успеа да заобиколи некои од тие мерки и да набави, на пример, микроелектроника, особено од Азија.

Од друга страна, Украина забележува дека се намалува западната воена помош што ја добива, пред се, поради внатрешни несогласувања, особено во САД. сд/

фото:МИА архива

 

Остани поврзан