• вторник, 05 ноември 2024

КСОМ се прошири со СПАЈС, ќе бараат од новата влада да се зголеми минималната плата и да се донесе нов закон за работни односи

КСОМ се прошири со СПАЈС, ќе бараат од новата влада да се зголеми минималната плата и да се донесе нов закон за работни односи

Скопје, 5 април 2024 (МИА) – На Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија – КСОМ денеска и се приклучи Синдикатот на приватен, административен и јавен сектор – СПАЈС во кој членуваат синдикални организации од рударството и синдикати од јавните претпријатија во локалната самоуправа. Договорот за приклучување го потпишаа претседателот на КСОМ Марјан Ристески и претседателот на СПАЈС Јовица Јовановски.

-Со денешното пристапување на голема бројка на синдикалци во нашите редови нашата Конфедерација веќе прераснува во синдикат кој го препознаваат работниците. Од новата Влада веднаш ќе бараме да почне социјалниот дијалог и се надеваме дека во неа ќе има луѓе кои знаат да го ценат работникот. Уште во првите 100 дена ќе испорачаме барање да се донесе законот за работни односи и да се стави ред со времените вработувања и договорите на дело. Ќе бараме договорите на дело максимум да траат една година, а не како досега по 10, па и повеќе години, рече Ристески на денешната прес-конференција.

Тој нагласи дека ќе побараат и минималната плата да биде поголема или иста со околните држави, во спротивно, како што рече и оние малку работници што останаа во државава ќе ја напуштат. Пари во државата, потенцира, има и само треба да се постават вистински луѓе на вистинските места и да се спречи тоталниот грабеж што се случуваше досега. Затоа и препорача на новата влада да не се вади дека нема пари за зголемување на работничките плати и права и да направи ветинг за да види каде отишле тешките милијарди што ги снема од државата. За увозот на работна сила од странство рече дека може да предизвика тотален хаос.

-Нашето делување покрај со владата ќе биде и со приватниот сектор. Од вкупниот приход што го има некоја компанија секаде во светот 60 отсто оди за работниците, а 40 отсто за газдите само кај нас е обратно. Затоа мора да се бориме од тоа купче на пари што го има приватниот сектор и од буџетот на државата поголем процент на средства да припаднат на работниците. Само на тој начин ќе ги зачуваме работниците, а со тоа и државата. Покрај тоа, коморите бараат дополнителни бенефиции и се закануваат дека доколку не се случи тоа ќе го собереле капиталот и ќе го пренеселе во други држави. Треба да се запрашаме како тие олигарси и газди стекнаа толку голем капитал. Прво треба тоа да го објаснат, па да го изнесуваат од земјава, рече Ристески и додаде дека ќе мора газдите од колачот да одвојат поголем процент за работниците. 

Вети дека како синдикат нема повеќе да дозволат нестручни и некомпетентни луѓе да раководат со клучните функции во државата и додаде дека веднаш јавно ќе ги објават имињата на оние за кои ќе утврдат дека несоодветно си ја вршат функцијата.

Прашан дали ќе го поддржат протестот што ќе го одржи ССМ на 8 април за здравствените работници кои работат со договор на дело, рече дека секогаш ги поддржуваат, но додаде дека не се поканети од страна на ССМ.

-Ние ги повикуваме кога одиме на протест, а тие не не повикуваат. Не смеат да гледаат непријатели во нашата Конфедерација. Додека тоа не го сфатиме и додека не се обединат работниците ќе биде лошо. Доколку видат дека од другата страна има работници кои знаат што бараат ќе мора и владата и газдите да попуштат и да ги исполнат барањата на работниците, посочи Ристески.

Кажа дека веќе имал состанок со претседателот на ССМ, а и деновиве ќе имаат и дополнителен состанок за заедничко одбележување на 1 Мај и за демонстрирање на единство.

Ги повика партите да не вршат притисок врз работниците за учество на митинзите на изборната кампања и рече дека како Синдикат оставаат на работниците доброволно да проценат за кого ќе го дадат својот глас. На работниците, пак, им препорача да пријавуваат во синдикатот доколку некој врши притисок врз нив, а тие што ќе го вршат притисокот врз работниците за одење по митинзи, како што кажа, ќе ги објавуваат јавно на прес-конференција.

Претседателот на СПАЈС, Јовановски посочи дека покрај од рудникот САСА од Македонска Каменица од неодамна во нивниот синдикат има и членови од ЈСП „Скопје“, како и подружница во Куманово во административниот сектор и во другите општини . Тој ги повика работниците да се охрабрат и да се зачленат во нивниот синдикат, а ги повика и рудниците Злетово и Тораница да го исконтактираат за да формираат синдикални организации кај нив.

Елизабета Тошевска, која е претседател на синдикалната организација на СПАЈС во ЈСП Скопје, истакна дека постојат околу две години.

- Работниците кај нас имаат проблеми кои се провлекуваат долги години и не се решени. Се надевам дека нашите барања ќе ги оствариме заедно со КСОМ, рече  Тошевска.

Како клучни проблеми на работниците во ЈСП Скопје ги посочи нередовната исплата на личниот доход, неусогласувањето на личниот доход со колективниот договор и со минималната плата на ниво на работодавач, неисплатата на прекувремена работа, лошите услови за возачкиот персонал,...вј/нд/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан