• понеделник, 23 декември 2024

Кришто испрати писмо до Вархеји: Очекуваме отворање на преговорите со БиХ

Кришто испрати писмо до Вархеји: Очекуваме отворање на преговорите со БиХ

Бања Лука, 10 март 2024 (МИА) - Претседателката на Советот на министри на Босна и Херцеговина (БиХ), Борјана Кришто, испрати писмо до европскиот комесар за проширување, Оливер Вархеји, за клучните реформи што БиХ ги спроведе во минатата година, во врска со претстојната одлука на Европскиот совет за почеток на пристапните преговори со БиХ.

Кришто го информирала Вархеји и за реформите кои се „во завршна фаза“, оценувајќи дека БиХ со спроведените реформи постигнала соодветно ниво на усогласеност со европските критериуми.

-Активностите што ги постигнавме се резултат на нашата сеопфатна и посветена работа, како и соработката на надлежните институции на сите нивоа на власта. Овие постигнати цели, иако се само дел од поширокиот спектар на активности што ги спроведовме, се од витално значење за нашиот следен чекор кон членство во Европската Унија, се наведува во писмото на претседавачот на Советот на министри на БиХ.

Кришто додаде дека БиХ „со секој чекор ги зајакнува темелите на идната интеграција во европското семејство“.

-Остануваме цврсто посветени на исполнувањето на клучните приоритети и спроведувањето на реформските процеси, посочува таа во писмото до Вархеји.

Кришто го информирала комесарот Верхеји дека на претстојната седница на Советот на министри на БиХ ќе бидат презентирани неколку документи кои се клучни за исполнување на реформските обврски на БиХ, меѓу кои и Законот за Судот на БиХ.

Претседавачот истакна дека сите во БиХ очекуваат позитивна одлука на Европскиот совет за отворање на преговорите со таа земја на 21 март. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан