Кривичниот суд потпиша колективен договор со судската администрација, доделени благодарници на пензионери
- По повод Денот на правосудството, во Основниот кривичен суд Скопје денеска беше потпишан колективен договор со судската администрација, воедно им беа доделени благодарници на пензионираните вработени од 2025 и 2026 година, соопштуваат од Кривичниот суд.
Скопје, 31 март 2026 (МИА) - По повод Денот на правосудството, во Основниот кривичен суд Скопје денеска беше потпишан колективен договор со судската администрација, воедно им беа доделени благодарници на пензионираните вработени од 2025 и 2026 година - соопштуваат од Кривичниот суд.
В.д. претседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Даниела Димовска, истакнувајќи ја важноста на овој ден, нагласи дека без посветената и професионална работа на судската администрација, правосудниот систем не би можел да функционира непречено.
- Администрацијата е тивката, но суштинска поддршка на правдата и заслужува континуирано унапредување на условите за достоинствена и професионална работа - посочи таа при потпишувањето.
Во рамките на одбележувањето на Денот на правосудството биле доделени и благодарници на пензионираните вработени од 2025 и 2026 година како признание за нивниот долгогодишен труд, чесност и значаен придонес во развојот и функционирањето на судот.
Судот соопшти дека Денот на правосудството е потсетник за заедничката одговорност што ја носат сите фактори во системот - судиите, судската администрација, стручните служби и сите професии што секојдневно придонесуваат за владеење на правото, транспарентност и ефикасно судско работење.
- Нека овој ден биде поттик за уште поголема професионалност, одговорност и заедничка заложба за јакнење на довербата на граѓаните во правосудниот систем - стои во соопштението од Основниот кривичен суд Скопје. ар/вг/
Фото:Кривичен суд