• недела, 22 декември 2024

Кривична пријава против поранешниот директор на ЈП „Градски гробишта“ во Охрид

Кривична пријава против поранешниот директор на ЈП „Градски гробишта“ во Охрид

Охрид, 20 март 2024 (МИА) – Охридското јавно претпријатие „Градски гробишта“ поднесе кривична пријава против поранешниот директор на претпријатието, Ванчо Костоски, поради основано сомнение дека сторил злоупотреба на службената положба и овластување.

Како што соопшти денеска потпретседателот на Општинскиот комитет на ВМРО - ДПМНЕ и секретар на Општина Охрид, Александар Китески, Костоски како директор на „Градски гробишта“ во повеќе наврати со склучување на договори за давање на осум гробни места под старателство со ТД „Ивире“ дооел од Лексоец во 2019 година овозможил да стекне противправна имотна корист на друштвото, притоа нанесувајќи штета на претпријатието со кое раководел.

-Со ова му се пружила можност на ТД „Ивире“ истите да ги препродава односно да ги отстапува за финансиски надомест, кој согласно сознанијата што ги имаме е многу повисок од оној по која цена стопанисува ЈП „Градски гробишта“, изјави Китески.

За односните незаконски дејствија, според ВМРО-ДПМНЕ постои документација и очекуваат во најскоро време да биде постапено по истата.

Запрашан зошто сега се поднесува кривичната пријава, Китески одговори дека се чекало да дојде до промена на министерот за внатрешни работи, поради сомневања дека доколку бидат претходно поднесени пријавите би останале некаде во фиока. аб/дма/

фото/ВМРО-ДПМНЕ

 

Остани поврзан